Децата се непроценлив капитал на една држава и вложувањето во нив е вложување во иднината, истакна премиерот Зоран Заев по повод Светскиот ден на детето, 20 Ноември.

На состанокот организиран заедно со младински застапници учествуваа и Дејвид Гир, амбасадор на Европската Унија во земјата, Патриција ди Џовани, претставник на УНИЦЕФ во земјата, и министрите Мила Царовска, Јагода Шахпаска и Насер Нуредини.

Премиерот Заев упати честитки по повод Светскиот ден на детето, кој е утврден на денешен ден во 1989 година кога е усвоена Конвенцијата на Обединетите нации за правата на децата.
– Северна Македонија, како и сите други земји членки на Обединетите нации, со прифаќањето на Конвенцијата за правата на децата се обврза дека ќе ги почитува четирите основни принципи: недискриминација, придржување кон најдобрите интереси на детето, правото на живот, опстанок и развој и правото на учество – рече Заев.

Осврнувајќи се на темата на состанокот, иднината на образованието, премиерот Заев истакна дека таа е во целосна согласност со стратегијата за развој на образовниот систем во земјата базирана на принципот квалитетно образование достапно на сите.

– Нашето образование мора да се приспособува и на новите глобални предизвици. Пандемијата на Ковид-19 ни покажа колку е важно образовниот систем да се менува, приспособува и осовременува, со цел да се обезбеди пристап до образовниот процес за сите деца, без разлика на проблемите со кои се соочуваат – истакна премиерот и додаде дека паралелно со овие специфични предизвици не се запоставени ниту обврските за создавање услови за мотивирани наставници и дигитализација на образованиот систем.

Амбасадорот на Европската Унија во земјата, Дејвид Гир, истакна дека не е едноставно да се постигнат сите елементи за квалитетно образование, но дека константното менување и прецизно ракување со образовниот систем, притоа следејќи ги новите технологии и новите предизвици, се смета за работа во прогрес.

Патриција ди Џовани, претставник на УНИЦЕФ, рече дека Светскиот ден на детето се одржува во време на еден од најголемите предизвици во нашата историја, пандемијата предизвикана од коронавирусот, и дека токму поради тоа, ова е значаен момент и можност да се чуе како децата и младите сакаат да ја преосмислат иднината.