Премиерот Зоран Заев во изјава за медиумите пред одржувањето на редовната 165. седница на Владата во Тетово, истакна дека организацијата на серијата од 10 седници во десет региони, има за цел да биде слушнат гласот на граѓаните за да бидат утврдени нивните потреби и во тоа име да се креираат приоритетите на политиките.

– Владата вечерва во полн состав, својата редовна 165 седница ќе ја одржи во зградата на Општина Тетово. Ова е втората, од утврдените седници што во наредниот период, еднаш месечно, ќе се одржуваат во десет различни региони во државата – објасни Заев.

На седницата како гости учествуваат и градоначалниците од регионот, поточно од општините Тетово, Гостивар, Јегуновце, Врапчиште, Боговиње, Брвеница, Теарце и Желино.

– Ги поканивме градоначалниците за овие општини за да ги добиеме информациите од интерес на граѓаните од нивните заедници од прва рака и согласно тоа да ги димензионираме нашите идни политики и одлуките за проекти кои може да се реализираат заедно со централната власт – посочи премиерот и додаде дека во текот на денот, во пресрет на седницата, министрите имале повеќе теренски активности со цел одблиску да се запознаат со проблемите и идеите на граѓаните од овој регион.