На денешната одржана средба помеѓу премиерот Зоран Заев и премиерот на Бугарија, Бојран Борисов, на прес-конференцијата стана збор и за реализирањето на проектот за „Коридорот 8“. Премиерот Заев информираше дека нашата влада обезбедила 580 милиони евра за изградбата на пругата кон Бугарија, а исто така периодов треба да се изнајде решение за доградба на граничниот тунел кај Ѓулешево за поврзувањето на двете земји со железничка линија.

Изградбата на тунелот кој е со вредност од 70 милиони евра е веќе започната од бугарската страна на границата, додека од наша страна тој е вклучен во трета фаза на изградбата. Борисов на средбата напомена дека од бугарската страна, тунелот речиси е готов. Тој нагласи дека во наредниот период министрите за транспорт и врски на двете земји ќе направат увид на изведбата на тунелот кај Ѓулешево.

На прес-конференцијата беа спомнати и други проекти за подобро поврзување меѓу двете земји, како изградбата на експресниот пат од Куманово до Деве Баир, изведбата на граничниот премин Клепало, како и на два други гранични премини.