Фото: Маја Јаневска-Илиева

Проблемот со воздухот одамна не е само локален, тој ги надмина општинските рамки и ја засега веќе целата држава. Загадувањето ја зафати земјава како некаква акутна болест, а како на секој тешко болен, потребни се конзилијарно мислење и лекување, и тоа итно, бидејќи во прашање е здравјето на граѓаните. Тоа значи дека сите релевантни фактори, институции и одговорни за решавање на ова прашање дефинитивно треба заедно да седнат и да се договорат како и што понатаму

Загадувањето на воздухот веќе не е само проблем на главниот град во земјава, бидејќи деновиве концентрациите на штетните честички ПМ10 и ПМ2,5 ги надминуваат дозволените граници и во Битола, Тетово, Кавадарци, Куманово и во Струмица. Куманово деновиве имаше пет пати поголемо присуство на ПМ10 честичките од минимално дозволеното. Индустријата, сообраќајот, греењето во домаќинствата, палењето огнови на отворено се спомнуваа како најголеми загадувачи на амбиенталниот воздух, а најразличните мерки за намалувањето на концентрацијата на штетни материи во воздухот како да не дадоа видливи резултати. Проблемот со воздухот одамна не е само локален, тој ги надмина општинските рамки и ја засега веќе целата држава. Загадувањето ја зафати земјава како некаква акутна болест, а како на секој тешко болен, потребни се конзилијарно мислење и лекување, и тоа итно, бидејќи во прашање е здравјето на граѓаните. Тоа значи дека сите релевантни фактори, институции и одговорни за решавање на ова прашање дефинитивно треба заедно да седнат и да се договорат како и што понатаму. Државата треба да издвои сериозна ставка од својот буџет за решавањето на проблемот со загадувањето. Иницијативата „О2 коалиција“ реагираше на предлог-буџетот на Република Македонија за 2019 година и бараше измени, со предлог да се вметне во владината програма унапредување на животната средина и справување со аерозагадувањето. Зошто да не се искористат и искуствата на градовите во светот што веќе се избориле со загадување.

Суспендираните честички ПM10, азотниот диоксид (NO2) и озонот (O3), генерално, се признаени како три загадувачки супстанции што најмногу влијаат врз здравјето на луѓето. Долготрајната изложеност на овие загадувачи сериозно влијае на здравјето на човекот и може да предизвика многу заболувања, како нарушување на респираторниот систем и срцеви болести, како и предвремена смрт. Скопје е веќе на светската мапа на градови со најзагаден воздух и на листата на градови со црни статистики. Минатата година секој четврти смртен случај во главниот град на земјава бил поради аерозагадувањето. Надлежните од Институтот за јавно здравје пресметале дека од 5.500 починати лани, смртта на дури 1.250 ја поврзуваат со загадувањето, земајќи ја предвид методологијата за процена на ризик. Според мислењето на здравствените експерти, половината од нив би можеле да се спасат ако надлежните презеле мерки да ја намалат концентрацијата на опасните и канцерогените честички во воздухот. Токму поради ова треба да се бара системско решение и можеби низа законски измени што имаат какви било допирни точки со овој проблем.

Има простор за сериозна анализа за законски измени, како на пример во Законот за сообраќај, Законот за енергетика и многу други. Од Министерството за животна средина велат дека уште од минатата година иницирале формирање интерсекторска работна група, во која членуваат претставници од сите институции што имаат надлежност од овој сектор, а членуваат и претставници на невладиниот сектор. Интерсекторската работна група дала над 40 предлози што се презеле за да се намали загаденоста на воздухот. Како пример споменуваат користење на јавниот транспорт и намалување на цената, за да се користи што помасовно, еколошки етикети на возилата, предлог-мерка за возење пар-непар во екстремните денови, потоа да се стимулира купување хибридни и електрични автомобили со субвенции од Владата, засилена соработка на централното и локалното ниво и многу други.

– Потребно е спроведување на законските регулативи пред сѐ‚ а секоја општина да изработи план за управување со загадувањето и да ги скенира состојбите, бидејќи тие секаде се различни. По однос на тој скен се предлагаат мерки со помош од Владата, па, така, заедно да се справиме со тој проблем. Всушност, целиот свет се справува со загадувањето. Имаше идеја во Скопје да се приклучат што повеќе корисници кон топлификациската мрежа и да се намали цената на парното, а за ова веќе е дискутирано и со премиерот. Ќе се субвенционира и купувањето инвертори и морам да кажам дека централната власт веќе е свесна за сериозноста на проблемот и за тоа дека резултатите нема да ги видиме наскоро, но се прави сѐ што треба.

Министерството издвои од сопствениот буџет средства за 350 прочистувачи на воздух за градинки и училишта, кои им ги подели на 52 општини, а ќе издвоиме и наредната година. Исто така ќе се издвојат пари за филтри на оџаците на фирми на државата. Со сите овие мерки и спроведувањето на законските регулативи сигурно ќе имаме позитивен ефект. Министерството подготвува и измени на законот за амбиентален воздух, во контекст на тоа што е задача на локалната, а што на централната власт. Исто така ќе има измени и во Законот за индустриски загадувачи – објасни Беса Татеши, портпарол на Министерството за животна средина и просторно планирање.
Мерката за воведувањето зелени, жолти и црвени налепници за возилата, во зависност од тоа во која еколошка категорија спаѓаат, не е популарна меѓу граѓаните, а сѐ погласно е нивното мислење дека повеќе резултати би се добиле ако се забрани увоз на стари возила, вклучувајќи и забрана да сообраќаат стари и дотраени автобуси во градскиот превоз. Тие никако не можат да ги стимулираат скопјани да влезат во нив. Иако претходно за прскањето на улиците со калциум магнезиум ацетат се велеше дека го намалува загадувањето за 30 отсто, бидејќи средството беше биоразградливо, не е корозивно и лесно се нанесува, сега од Министерството за животна средина велат дека ова не се покажало како ефикасна мерка. Ако тоа не е, можеби ќе помогнат водени топови или нешто друго од искуствата на градовите што го решиле загадувањето, ама за сѐ се потребни пари.

Од здружението „О2 коалиција“ потсетуваат на изборната програма од 2016 година на сегашната владејачка партија, каде што се предвидуваа итни реформски мерки, воспоставување фонд за животна средина во кој директно ќе се слеваат средства добиени од такси за животната средина. Тие забележуваат дека итните реформски мерки не се остварени досега, а со минатонеделниот ребаланс на буџетот за 2018-та се скратени над 2 милиони евра за заштита на животна средина.

Од „О2 коалиција“ потсетуваат дека нивни претставници во декември 2017 година се сретнаа со премиерот Зоран Заев и заменик-министерот за животна средина Јани Макрадули откако иницијативата најави дека ќе ја тужи Македонија до Европскиот суд за човекови права во Стразбур и ќе поднесе жалби до сите меѓународни институции поради алармантната загаденост во државата. На тогашната средба било утврдено дека треба да се зголеми буџетот за животната средина од 0,45 на 2,5 проценти, колку што е европскиот просек, за да има повеќе пари за конкретни мерки за намалување на аерозагадувањето. Но по презентацијата на предлог-буџетот на РМ за 2019-та, екологијата фигурира заедно со градежништвото, транспортот и комуникацијата, со само 5 отсто од вкупните расходи, што укажува на неиспочитуван договор. С.Р.

(продолжува)

Проблемот со воздухот не е само локален и ги надмина општинските рамки
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Седумдесетина деца во моментов се лекуваат во „Козле“

Во детската болница „Козле“ во моментот се лекуваат околу седумдесетина дечиња. Некои од нив се на лекување во дневната болница, а некои се веќе пуштени на домашно лекување.
– Последиците од загадувањето допрва ги очекуваме, ако се земе предвид дека сѐ уште не е дојден екот на загадувањето, бидејќи децата од него имаат хемиска дразба. Загадувањето е составен дел на патологијата на заболените – истакна медицинскиот директор на институтот за белодробни заболувања кај децата „Козле“, доктор Ангелчо Андоновски.
Тој препорачува родителите да работат на имунитетот на децата и да ги хранат со здрава храна.
– Важна е и физичката активност, да ги изнесуваат децата надвор, но да ги избегнуваат периодите кога е премногу загадено, а ако имаат можност и да ги однесат на некое почисто место. Сега е лесно, родителите можат на апликациите за воздухот да проверат кога можат да ги изнесат децата – заклучува Андоновски.
Тој исто така апелира до надлежните да се преземат мерки за загадувањето, односно да се реши проблемот со дивите загадувачи, но и да се преземат мерки за граѓаните што со недозволиви енергенти ги загреваат своите домови. Д.Т.З.