Фото: Маја Јаневска-Илиева

Последен извештај на УНЕП, програма за животна средина во рамките на ОН

Загадувањето на воздухот е одговорно за по најмалку 15 отсто од случаите на предвремената смртност во градовите на Западен Балкан, вклучувајќи и во Македонија, додека овој процент за Тетово изнесува 19 отсто

Населението во сите поголеми градови низ Западен Балкан, меѓу кои и во македонските градови, секоја есен и зима се соочува со алармантно ниво на загадувањето на воздухот што го намалува нивниот животен век, а во најголем дел вината за ваквите состојби се лоцира во зависноста од јагленот при производството на електрична енергија.

Загрижувачки е што токму македонските градови, пред сè Скопје и Тетово, но и Битола постојано се наоѓаат на светските листи на најзагадени градови, иако овој период поради поволните временски услови загадувањето е нешто помало.

Прелиминарните наоди од извештајот „Загадување на воздухот и здравјето на луѓето: Случајот со Западен Балкан“, изработен од УНЕП, програма за животна средина во рамките на ОН, подготвен во соработка со Светската здравствена организација и институциите за управување со квалитетот на воздухот во шест западнобалкански земји, покажуваат дека вкупниот број предвремени смртни случаи, кои директно му се припишуваат на загадувањето на воздухот во градовите, е скоро 5.000 годишно. Или, меѓу 1,1 и 1,3 години од животот им се кратат на граѓаните од државите од Западен Балкан поради загадениот воздух. Загадувањето на воздухот е одговорно за најмалку 15 отсто од случаите на предвремената смртност, додека овој процент за Тетово изнесува 19 отсто.

Слични бројки се наведуваат и во извештајот за квалитетот на воздухот на Европската агенција за животна средина, објавен минатиот месец, а во кој се наведува дека загадувањето на воздухот зема сè поголем данок меѓу населението во градовите.
– Во светот 4,2 милиони луѓе умираат од загадувањето на воздухот секоја година. Регионот Западен Балкан не е исклучок, заболувањата и смртноста од загадувањето на воздухот се на врвот на овие причински фактори. Оваа агенда е на врвот на приоритетите на агендата на Светска банка како и на владите во регионот, така што нашата заложба тука е да ѝ помогнеме на Владата на РСМ да премине на конкретни чекори на терен – истакна Марко Мантованели, директор на Светска банка.

Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини нагласи дека проблемот со загадувањето на воздухот е врвен приоритет на оваа влада.
– Загадувањето на воздухот е еден од најгорливите проблеми на нашето време со повеќекратни и далекосежни последици. Постојано се рангира меѓу врвните фактори на ризик од смртност низ светот. Од таа причина, потребна ни е итна акција на локално, национално, регионално и глобално ниво – порача Нуредини.

Имено, во регионот постојат 15 активни електроцентрали на јаглен од кои повеќето се со застарена технологија и испуштаат значителни количества сумпор диоксид, азотен оксид, прашина или ситни честички во воздухот, што е погубно за здравјето на луѓето. Во 19 мониторирани балкански градови дневните ограничувања на изложеност на честички од чад или ПМ 10 се пречекорени меѓу 120 и 180 денови годишно, што е далеку повеќе од ЕУ-нормите, кои предвидуваат ограничување на 35 загадени денови. Познавачите на состојбите велат дека причините за загадувањето на воздухот можат да бидат различни, во зависност од периодот во годината, локацијата и разните економски активности.

– За време на зимата најчеста причина за прекумерното загадување на воздухот се ПМ 2,5 и ПМ 10 честичките. Овие загадувачки материи во најголем дел доаѓаат од индивидуалните ложишта (шпорети, котли, печки на цврсти горива), потоа од сообраќајот, енергетскиот сектор и индустријата, како и од земјоделството. Кога станува збор за оксидите на азотот и сумпурот, убедливо најголем извор се процесите за производство на топлотна и електрична енергија – велат експертите, кои сметаат дека најголемо влијание врз загадувањето на воздухот има начинот на кој се произведува и користи енергијата, па поради тоа треба да се користат обновливите извори на енергија и енергетски ефикасни уреди во домаќинствата.

Овие сознанија беа изнесени во сите истражувања и студии што беа изработени изминатите години во земјава, а како генерален заклучок беше наведена потребата од гасификација на градовите, монтирање филтри на индустриските капацитети, обнова на возниот парк, субвенционирање на граѓаните што ќе се префрлат на еколошки начини на загревање на домовите, како и поголема вклученост на обновливите извори на енергија во производството на електрична енергија.