Дискусијата за Законот за јавно обвинителство заврши вечерва,  а претседателот на Собранието Талат Џафери даде пауза од еден час за да може координаторите на пратеничките групи да се договорат кога ќе биде гласањето за Предлог-законот за јавно обвинителство и најави дека во 22 часот ќе почне 136-тата седница на која треба да се расправа за разрешувањето на министерката за труд и социјала Рашела Мизрахи.

Претходно, Џафери најави дека Собранието ќе биде во постојано заседавање додека не се распушти и не бидат распишани изборите најавени за 12 април.

За законот за јавно обвинителство ќе мора да се гласа најдоцна до недела до полноќ, кога според претседателот на Собранието е последниот рок за распуштање на парламентот, во пресрет на предвремeните парламентарни избори.

Дебатата, во поголемиот дел од денот,  ја обележаа жестоките конфронтации меѓу независната пратеничка група наспроти нивните поранешни колеги од ВМРО-ДПМНЕ.