Заврши првиот ден од расправата за предлог-буџетот за 2022 година на собраниската Комисија за финансирање и буџет. За пратениците од владејачките партии тој обезбедува редовна исплата на плати и пензии, го следи правилото на јавните финансии и значително ги крати непродуктивните трошења. За опозицијата, ова е историски највисок буџет, нереален и неразвоен, проектиран на целосно погрешни основи.

Министерот за финансии Фатмир Бесими, во своето експозе истакна дека буџетот има четири основни цели: продолжување на грижата за заштита на здравјето на населението, економско заздравување и забрзување на растот, зголемување на инвестициите, како и непречено финансирање на основните функции на државата и поддршка на реформите во правосудството и евроаталнските интеграции.

– Државата ќе позајмува само за капитални инвестиции, кои ќе донесат поквалитетен живот за граѓаните – рече Бесими.

Пратениците од опозицијата сметаат дека со буџетот не се предвидени средства за справување со последиците од енергетската криза.

– Ова е буџет со висок буџетски дефицит од 4,3 проценти, кој ќе донесе и рекорден јавен долг 65,9 проценти од БДП со што во прашање се доведува фискалната одржливост, односно дали државата ќе може да си ги плаќа сопствените обврски – потенцира пратеникот Љупчо Пренџов.

Пратениците од СДСМ реплицираа дека буџетот е креиран врз основа на очекуваните економски придвижувања и има развојна компонента.

Пратеникот од редовите на социјалдемократите Диме Велковски рече дека, има средства и за решавање на енергетската криза.

– За ова политичките партии најмалку треба да зборуваат зашто од осамостојувањето на државата до денес немаат ништо направено, ниту ВМРО-ДПМНЕ, ниту СДСМ – потенцира Велковски.

Тој истакна дека во 1988 година е изграден последниот енергетски објект – РЕК Битола.

– Се увезуваше струја и пред седум и пред осум и пред десет години и затоа, некоректни се обвинувањата од опозициските колеги. Да се обвинуваме во овој дел е некоректно. Сите знаеме каква технологија имаме, тоа е критика за сите нас – напомена Велковски.

И другите негови сопартијци говореа дека ова што се случува во енергетиката, не е последица само од владеењето на СДСМ, туку и од претходните власти.

Комисијата за финансирање и буџет утре до 12 часот ќе ја продолжи расправата за предлог-буџетот за 2022 година.