Началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, и заменик-министерот на одбрана, Башким Хасани, заедно со началникот на Генералштабот на Војската на Црна Гора (ВЦГ), бригаден генерал Милутин Ѓуровиќ, денес присуствуваа на завршниот ден на билатералната вежба со бојно гаѓање, која се реализира на армискиот полигон „Криволак“.

Генералите Ѓурчиновски и Ѓуровиќ по завршување на вежбата беа задоволни од прикажаното и од интероперабилноста на постапките, согласно стандардите на НАТО, кое ја отсликува соработката помеѓу Армиите на Македонија и Црна Гора.

Генералот Ѓурчиновски во своето обраќање пред учесниците им изрази признание на учесниците за постигнатите резултати, високото ниво на обученост и меѓусебната координираност кои се одлична можност за понатамошно интензивирање на ваков вид заедничка обука која се организира и реализира за краток временски период.

Началникот на Генералштабот на ВЦГ, генерал Ѓуровиќ, заблагодарувајќи се за севкупната помош и поддршка, која овозможи реализација на активноста истакна дека вежбата е уште една потврда дека можеме заеднички да продолжиме и да ги збогатуваме формите на воена соработка.

Заменик-министерот Башким Хасани во своето обраќање порача дека оваа заедничка вежба е уште една потврда за одличната меѓусебна соработка, а служи и како патоказ за реализација на уште поголеми и посложени вежби и обука.

„Само со заедничка обука и вежби, ќе обезбедиме ефикасно и заедничко учество на обучени, професионални војници и офицери во операции за успешно справување со комплексни предизвици“, рече заменик-министерот.

Хасани истакна дека полигонот „Криволак“ нуди големи можности и капацитети и претставува место каде што се развиваат знаењата и вештините на нашите питомци, идни командири и команданти.

Воедно на крајот од вежбата на питомците од четврта година, меѓу кои има и питомци од Црна Гора, им беа врачени сертификати за успешно завршен курс за командири на водови.