Ексклузивни пишувани спомени од дневникот
на Иљче Јанчев-Евро од Струга

Блаже Миневски

Во дневникот е користен претежно струшки дијалект, а се однесува на периодот од крајот на 19 век, па до паѓањето на Струга под италијанска окупација во 1941 година

Во оригиналниот дневник, кој проф. д-р Павле Митрески го пронашол во семејството Евро, каде што се чувал повеќе од седум децении, записите се пишувани со мастило, со кирилско, македонско писмо, со букви од старословенската кирилска азбука. Во дневникот е користен претежно струшки дијалект, а се однесува на периодот од крајот на 19 век, па до паѓањето на Струга под италијанска окупација во 1941 година.

Податоци за тоа кога е пишуван дневникот нема, односно не е забележано кога се пишувани записите, иако, според д-р Митрески, судејќи по форматот на тетратката, најверојатно станува збор за 1941 година, имено со тие збиднувања и завршува дневникот, а ракописот е воедначен и континуиран, што значи дека е пишуван за релативно кратко време како спомени за настаните што поминале:
„Почна војната во Европа. Беше почнал да беснее Хитлер… Од Албанија пристигнаа многу качаци кои почнаа да вршат убиства и кражби. Тие станаа господари. Почнаа да викаат: ’Да живее Албанија’… Дојде нивно време. Дојде нова власт. Тешка како што беше во оние стари времиња кога владееја арамии, зулумќари, убијци… Општината ни ја зедоа. Италијаните ја предадоа на арнаутите. После го предадоа и началството и училиштата. Со еден збор станавме повторно робови на прост и навоспитан народ. Завладееја и со трговијата. Градоначалникот донесе наредба да не носат рибарите риби во продавницата, кај нас, туку да ја носат кај арнаутот што го зеде езерото. Така ние во дуќанот останавме без работа. Тешко е да биде човек роб кај арнаутите: отворија училишта, ги тераа децата да учат арнаутски, да ја менуваат народноста. И затоа многу стружани избегаа во Охрид да учат кај бугарите…“, пишува Иљче Јанче-Евро во своите спомени, кои завршуваат со влегувањето на италијанската војска, односно албанските балисти во 1941 година во Струга.

„И другите правеа многу гнасни работи!“

Стружанецот Иљче Јанчев-Евро е роден во 1886 година и, во својот живот, поминал низ разни искушенија, борејќи се за опстојување, не само за себе туку за целата фамилија. Како дете почнал да работи како измеќар во Охрид и Струга, а завршил како вреден рибар и трговец. Во спомените пишува за времето на предилинденскиот и илинденскиот период, за комитлакот, за уриетот, за Балканските војни, за Првата светска воја, за животот меѓу двете светски војни и за почетокот на Втората светска војна. Како седумнаесетгодишно момче станал член на „Комитетот“ и учествувал во Илинденското востание во струшкиот реон, потоа како мобилизиран, турски војник, во уриетот, и во Балканските војни, па како востаник во Албанско-македонското востание и на крајот како бугарски војник во Првата светска војна. Бидејќи спомените завршуваат со случувањата од крајот на 1940 и почетокот на 1941 година, во ракописот нема податоци дали Иљче Јанчев-Евро, како педесет и четиригодишен маж, некако учествувал и во Втората светска војна. Пишувајќи за времето кога работел како измеќар, а подоцна и како рибар, занимавајќи се со рибарска работа, за која самиот вели дека е многу тешка работа, значи уште како момче од околу петнаесеттина години веќе почнал да осознава некои состојби во општеството:
„Во тоа време бевме под турски режим. Не бевме слободни, не можевме слободно да се движиме, да одиме насекаде, бидејќи имаше безобразни Турци кои грабеа по чаршијата а и луѓе понекогаш отепуваа на пат. Ќе му ги зеле парите, ќе го слечеле гол и ќе го отепале. Турците правеа многу гнасни работи така што навистина неможеше да се трпи. Затоа се оформи комитет за да излезат наши луѓе во планина за да се тепаат со Турците со цел да се исплашат и да може ние да се спасиме од турското ропство.

Тогаш секој од нас требаше да биде член на Комитетот и да работи против турскиот режим. Јас бев примен за член на таа организација… Во 1903 година, на 20 јули, на Илинден, беше недела, през ноќта сите селани во селата веќе беа избегани во планина. Побегнаа мажи, жени и деца, а во куќите беа останале само старци кои не можеа да одат. Тие што беа избегани во планина сите беа наоружани со пушки а оние што немаа пушки – со секири и коси. Сето тоа беше протест против Европа, да видат Големите сили дека народот не може да трпи. И така, кога се раздени, во понеделникот, сабајлето, сите телефонски бандери беа исечени. И по селата немаше немаше никоја, па Турците беа многу уплашени. Веднаш се објави мобилизација: секој способен Турчин да оди во Охрид, да му дадат пушка. Потоа тие се пуштија по селата, отепаа неколку старци, грабеа се што имаше останато по куќите… Многу Македонци паднаа. Кун септември, некој селанец ги предаде четите во нашиот крај, Турците нападнаа, заклаа многу жени, деца но и комити, и војводи и доста видни мажи… После востанието пак народот се зафати да си работи со надеж дека ќе дојде нешто поубаво.

Се слушаа гласови од Солун дека ќе се јави некојси Жорж со помош, да се ангажира за спроведување на реформите во Македонија. Но тоа беше напразно, мамено. Место Жорж дојде една преправена турска ѕверка, така наречениот Хилми Паша. Тој со неговото доаѓање ги ослободи сите качаци и ги постави за потерџии, односно за падари по селата. Повидните селани видоа-невидоа на главите ставија фесови. На народот им се викаше некаде дека се Грци, некаде дека се Срби а некаде дека се Бугари. И со ваков начин на пропаганди дојде до големи несреќи во Македонија. Почнаа да се тепаат наши луѓе меѓу себе секој ден. Имаше убиства меѓу народот а и по планините. Та место добро, дојде уште понеубо“, пишува Иљче Евро во своите спомени за кои самиот вели дека ги пишува „за да не се заборави“, бележејќи сѐ што запомнил така како што доживеал.

„Српскиот наредник ни фрлаше леб како на кучиња: ’Сутра опет ќе добиете!‘“

По востанието, по амнестијата, Иљче Јанчев-Евро заминува на печалба во Романија, но по неколку години, во јуни 1909 година, заедно со една група Македонци тргнува за Цариград:
„Кога се вративме дома, веќе не постоеше Султановиот режим. Све беше попуштено и можеше да се живее подобро, во поголема слобода. Ама се создаде голем раздор меѓу Македонците… Јас бев во Струга кога дојде до мобилизација за турската војска а со таа мобилизација ме собраа и мене, и јас станав турски војник. Морав да се јавам во Охрид. Таму ме облекоа како турски војник и ме испратија во Битола да ни дадат пушки. Е сега се јави нешто опасно. Да бидеш војник турски и да се биеш против своите браќа. Затоа рековме да бегаме од војската в планина, во комитските чети. Тогашен реонски војвода во Битола беше Милан Матов, стружанец. Тој имаше издадено заповед секој Македонец, кој може да побегне од војската, да се прими во четата, но со пушка а без пушка да не се прима. Па за мене тоа дојде многу тешко, пошто неможев да излезам од казармата соси пушка. И така морав да останам во турските редови и да се влечам со нив“.

Во продолжение на спомените пишува за Балканските војни и за капитулацијата на Турција, но и за војната што веднаш почнала меѓу сојузниците за поделба на Македонија. По многу перипетии, како турски војник, се нашол во Скопје заедно со „околу 2.000 избегани од турците православни војници, Ерменци, Грци од Мала Азија, а ние Македонците бевме останале со надеж дека доаѓаат сојузнички балкански војски“.

„Во неделата сабајлето биеше барабанот низ Скопје, викајќи да се јават сите христијани, бивши турски војници, да се соберат кај Грчката црква за да добијат храна. Ние, јас, Наум Курте од Охрид, Сандре Гаго од Струга, и уште некои стружани, решивме да одиме кај владиката Неофит за да го прашаме што да правиме. Но одејќи таму нагазивме на истото место каде што ги бараат војниците и така паднавме во плен… Не ни даваа ни леб, ни вода. Тоа траеше шест дена. Сетне дојде еден наредник со пиштол-револвер вперен кон нас. Кршеше леб на четири парчиња и ни ги фрлаше како на куче: ’Сутра опет ќе добиете!’ И по три дена пак ни дадоа а на деветтиот ден не испратија од таму и во строј не однесоа на станицата, од станицата за Ниш, и потоа во Белград, и таму, во Белград, останавме три месеци. По три месеци, на 5 јануари приквечер, не однесоа на железничката, и сите 47 души заминавме за Скопје. Оние што имаа презимиња на ’иќ’ ги пуштија да одат на Косово, а нас ни рекоа да одиме за Бугарија, но тука, во Куманово, со помош на кумановчани, испративме телеграма во Скопје и ги известивме дека ние не сме од Бугарија туку од Македонија, и така бевме разделени. Тие од Бугарија си отидоа во Бугарија а ние преку Битола заминавме дома“, пишува во своите спомени за враќањето во Скопје по заробеништвото во Втората балканска војна. Во меѓувреме, кога се вратил во Струга, Евро повторно е вмешан во нова буна, во Македонско-албанска буна или востание од 1913 година против српската власт во тој дел од Македонија. Со развојот на ситуацијата на теренот бунтовниците биле потиснати кон Албанија каде што Иљче Јанчев-Евро мора да остане цели две години, продолжувајќи да работи по директиви на Комитетот и во соработка со Шабан и Браим Блошми. Бидејќи не можел да се врати во Македонија, која е под српска власт, успева да се префрли во Бугарија, во Плевен, каде што го затекнува почетокот на Првата светска војна: „Во Плевен ни дадоа стари алишта и пушки, и стари, искористени топови. Тргнавме во Софија, поминавме, преспавме во Књажево, утредента преку Радомир, Црна Скала и преку Брегалница стигнавме во Царево село.

Потоа стигнавме во Штип. Во градот излезе народот да не пречека; ние бевме македонска дивизија, прва бригада, први и втори македонски полк.“ Ги опишува борбите што ги воделе на територија на Македонија сѐ до демоблизирањето и враќањето во Струга каде што пак работи како рибар, отворајќи рибарница, која мошне успешно работи. И така сѐ до крајот на 1940 година, односно до почетокот на 1941 година кога доаѓа германската, а потоа италијанска војска во Охрид и во Струга.

„По неколку дена од Албанија пристигнаа многу качаци кои почна да вршат убиства и кражби. Тие станаа господари…“, завршува Иљче Јанчев-Евро, додавајќи дека останал без работа затоа што „еден од арнаутите го зеде езерото“. Во безизлезната ситуација во која се нашол, Евро го прекинува пишувањето на спомените со констатацијата дека „е тешко да биде човек роб кај арнаутите“. Сепак, неговиот живот продолжува уште тринаесет години, што значи дека најпосле, првпат, можел да се порадува и на осум години слобода во сопствената македонска држава.