Од Авто-мото сојузот на Македонија (АМСМ) информираат дека поради остатоци од снег на коловозот, забрана за камиони и автобуси има на патниот правец Тетово – Попова Шапка. На патот Маврово – Дебар има забрана за сообраќај на камиони со приколка.

Забрана за сите видови моторни возила, пак, е водена на патниот правец Ранковце – Герман.

Од АМСМ додаваат дека сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови по наместа влажни коловози, со остатоци од кашест снег на коловозот, по интервенцијата на дежурните екипи на ЈП „Македонијапат“.

Поради ниските температури, на некои места е можна појава и на голомразица.

Се препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде што има можност од појава на одрони.

Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.