Фото: Дарко Андоновски

По одлуката на македонската влада за заедничко чествување со Бугарија на светите Кирил и Методиј, свети Климент Охридски, свети Наум и цар Самуил, историчарот Митко Панов од Македонскиот институт за национална историја смета дека на тој начин политички се догматизира историјата и дека „наметнувањето на историографските конструкти е несвојствено за современите демократии и слободата на научната мисла“

Во согласност со договорите за добрососедство на Македонија со Бугарија и со Грција, функционираат меѓувладини мултидисциплинарни експертски комисии за историски и образовни прашања, кои треба да направат усогласување во гледиштата на одредени историски моменти и личности што различно се интерпретираат во учебниците во трите земји.
Македонско-бугарската комисија функционира веќе една година, остварени се шест средби, а во вторникот, на 9 јули, македонската влада го разгледа годишниот извештај на заедничката мултидисциплинарна експертска комисија со Бугарија и предлозите до владите што се содржани во него. Биле разменети оцени за досегашната работа на комисијата и постигнатиот напредок во делот на античката историја и биле прифатени сугестиите за заедничко чествување на следните личности од нашата заедничка историја: св. Кирил и Методиј, св. Климент, св. Наум и цар Самуил. Според одлуката на Владата, „двете страни се согласуваат да го промовираат договореното и во најкраток можен рок да ги усогласат датумите и заедничките одбележувања“. Покрај оваа одлука, биле прифатени и заедничките принципи и забелешки за содржината на учебниците за петто одделение во Бугарија и за шесто одделение во Македонија (праисторија и античка историја), а бил поддржан и предлогот на Комисијата за разгледување на наставниот материјал во учебниците за истите одделенија за периодот од средниот век, до крајот на 2019 година. Во соопштението од владината седница стои дека е препорачано до комисијата „решително да ја забрза својата активност за значајни теми од нашата заедничка историја (Гоце Делчев, Илинденското востание и други) и да настојува да се постигнат реални резултати до крајот на 2019 година“.

Формирањето и работата на овие заеднички мултидисциплинарни експертски комисии за историски и образовни прашања, од самото потпишување на договорите за добрососедство и соработка, од политички аспект беа оценети како еклатантен израз на асиметричноста во обврските што ги преземаат договорените страни, а од научен аспект како анахрона појава и обид за догматизирање на науката. Речиси секој состанок на комисиите предизвикува политички реакции и дебати во јавноста со спротивставени тези на сите страни вклучени во процесите на историска ревизија. По последниот состанок на македонско-бугарската комисија, на кој било отворено прашањето за историското значење и националната одреденост на македонскиот револуционер Гоце Делчев, како и за националниот карактер на Илинденското востание, се вратија старите политички барања на бугарската страна за признавање на нивното бугарско потекло од страна на Македонија. Таквото барање беше придружено со политичка закана за евентуално блокирање на македонската евроинтеграција. Таквата дебата сѐ уште не е стивната, а по одлуката на македонската влада за заедничко чествување на Кирил и Методиј, св. Климент Охридски, св. Наум и цар Самуил, историчарот Митко Панов од Македонскиот институт за национална историја смета дека на тој начин политички се догматизира историјата, односно дека Владата „пресудила што е историска вистина“.

– Ваквото догматизирање на историјата и наметнувањето на историографските конструкти е несвојствено за современите демократии и слободата на научната мисла! Св. Кирил, св. Методиј, св. Климент, св. Наум и нивната дејност имаат сесловенска димензија и претставуваат општоевропска цивилизациска придобивка. Св. Кирил и Методиј веќе се чествувани како словенски просветители и апостоли во повеќе европски држави. Самуил може да стане споделена (но не заедничка) историска личност за македонската и за бугарската нација, единствено доколку признаеме дека националните наративи и митови за овој средновековен владетел се конструирани по 1878 г. и се директно и нераздвојно поврзани со Македонија и со решавањето на македонското прашање! Реоткривањето и присвојувањето на заборавениот и занемарен Самуил од страна на руските и балканските политички елити по 1878 г. било предодредено од потребата за конструирање наративи со кои историски ќе се легитимираат територијалните аспирации кон Македонија како јадро на Самуиловата држава и црква. Крајно апсурдно е во современа Европа конструктите од 19 век да се догматизираат и претставуваат како историски вистини – пишува професорот Панов на социјалните мрежи.

Во однос на роковите за имплементација во учебниците на усогласените историски гледишта од работата на комисиите, до затворањето на денешниот број на весникот од Владата не добивме одговор. Според одредбите во договорите за добрососедство, не е прецизно поставена временска одредница кога треба да заврши нивната работа. Исто така, не добивме одговор ниту за начинот како ќе се вметнува договорената историја во учебниците – дали по секоја одлука на Владата или откако ќе заврши работата на двете меѓувладини експертски комисии.

– Иако не е прецизирано која е таа „историска вистина“ и што е тоа „заедничка историја“, која треба „јасно“ да биде означувана при чествувањата и одразена во учебниците, за тоа веќе јавно се изјаснија членовите на комисијата од двете страни.

Тоа би значело дека независно од научните историографски достигнувања и досегашни и идни публикувани трудови, секое официјално чествување на св. Кирил, св. Методиј, Св. Климент, св. Наум, како и на цар Самуил (а со тоа и создавањето на словенската азбука, Светиклиментовата Охридска книжевна школа, Самуиловата Охридска архиепископија…), ќе мора да биде во согласност со комисиската и владината „историска вистина“ и овие личности соодветно ќе бидат маркирани како дел од „заедничката историја“ (бугарска) и како такви изучувани во учебниците – пишува професорот Митко Панов.