Пред Мешовитиот парламентарен комитет кој во Стразбур го одржува својот 16-ти состанок под заедничко претседавање со Алојз Петерле од ЕНП, Словенија и Горан Милевски од Либерално демократската партија, пред европските пратеници и македонската собраниска делегација обраќање имаше Заменик министерот за надворешни работи, Андреј Жерновски, јавува дописникот на МИА од Стразбур.

Заблагодарувајќи им се на членовите на мешовитиот парламентарен комитет, РСМ-ЕУ, Жерновски рече дека „сме горди на постигнатото и перспективите кои ги отворивме за Република Северна Македонија. Свесни сме дека пред нас претстои уште многу работа, но досегашниот успех ни дава оптимизам дека ќе успееме во исполнување на нашите стратешки определби.“

Жерновски понатаму истакна дека во изминатата година Република Северна Македонија успеала да направи видлив напредок во исполнување на стратешките цели, односно членство во НАТО и во ЕУ.

– Очекуваме определување на конкретен датум за преговори на нашата земја со ЕУ, од страна на Советот на ЕУ, во јуни оваа година. Ризикот од одлагање на донесување на ваква одлука ќе значи губење на моментумот, кој што беше изграден со огромни напори од страна на Грција и Северна Македонија. Ќе значи обесхрабрувачки сигнал за државата и ќе го забави реформскиот процес, а ќе создаде и непредвидиливост од создавање на нови можности. Од друга страна, отварањето на преговорите ќе значи продолжување на продукцијата на добри вести, инвестиција во стабилноста и просперитетот на ЕУ, демонстрација на кредибилност и посветеност кон основните ЕУ вредности. Тоа нема да значи членство, туку почеток на едно подолго патување кое ќе придонесе кон суштинска трансформавија на општеството, рече заменик министерот Жерновски.

Понатаму тој истакна дека консолидацијата на Европската унија може и треба да се одвива паралелно со европската консолидација на Балканот.

– За нас, Европа значи многу повеќе отколку само унија, отколку само раст и економска сигурност. За нас, Европа значи да живееме во модерно, рамноправно и отворено општество, со јасни демократски стандарди, во кое владее правото, во кое живее солидарноста, во кое функционираат подобри судови и во кое правата се еднакви за сите, потенцираше Жерновски.

Во Препораките кои евро-пратениците заедно со пратениците од Собранието на Република Северна Македонија, треба да ги усвојат, до кои дојде дописникот на МИА се препорачува почеток на преговори со Република Северна Македонија оваа година, за членство во Европската унија. Во документот кој ќе биде усвоен на крајот на овој состанок, констатиран е напредок во клучните области на владеење на правото, безбедносните и разузнавачките служби, реформата на јавната администрација и борбата против организираниот криминал и корупцијата, што претставува солидна основа за следниот извештај на Европската Комисија и ќе обезбеди позитивна клима пред јунските самити на Советот на ЕУ.

Ова беше потенцирано и во излгањето од претставниците на европските институции Европската комисија и во излагања, кои нагласија дека Република Северна Македонија се наоѓа пред значаен момент, со оглед дека во јуни се очекува важна одлука на идниот европски совет за отворање на преговорите.

Претставниците на ЕУ констатираа напредок во реформите, нагласувајќи дека во истите се вклучени и голем дел од нивните препораки, поздравувајќи ја политиката на добрососедство, посочувајќи го Преспанскиот договор како пример за лидерство и храброст за решавање на споровите.

Тие притоа сметаат дека е потребно доследно спроведување на законите, борба против корупцијата, испитување на обвинувањата за непотизам при вработувањето и изведување на одговорните за сите злоупотреби пред правдата. Претставниците на ЕУ, исто така побараа соработка, дијалог и определување на опозицијата и власта по сите значајни стратешки прашања за евро-атлантските интеграции на земјата.