На 43 сесија на Советот за човекови права, која се одржува во седиштето на ОН во Женева, заменик-министерот за надворешни работи, Андреј Жерновски, по покана на министрите за надворешни работи на Германија и Франција, Мас и Ле Дријан, учествуваше на конференција посветена на промоцијата на меѓународното хуманитарно право и справување со неказнивоста.

Во присуство на високи претставници на министерско ниво, Жерновски ги реафирмира заложбите на Македонија за почитување, промоција и заштита на човековите права и слободи, како и за почитување на меѓународното хуманитарно право. Тој укажа дека повикот за акција, имплементацијата на меѓународните норми на национално ниво, јакнењето на заемната мултилатерална и билатерална соработка, ќе придонесат за санкционирање на неказнивоста за секое кршење или повреда на меѓународното хуманитарно право.

Во дискусиите за време и по настанот учесниците се осврнаа на широк спектар теми од стратешко значење за регионот и самата ЕУ. Беа разменети мислења за заедничкиот влог и изгледите за постигнување консензус меѓу земјите членки на ЕУ за новата методологија за пристапни преговори, како и за усвојување одлука за почеток на преговорите со Северна Македонија.