Од јануари до септември 2017 година, вкупниот број на пријавени жртви на семејно насилство изнесувал 761, од кои 117 се од машки, а 551 од женски пол. Од нив, малолетни жртви на насилството биле 42 момчиња и 51 девојче

Според статистичките податоци за семејно насилство, добиени од кварталните табели за семејно насилство од сите 30 центри за социјална работа за периодот од јануари до септември 2017 година, вкупниот број на жртви на семејно насилство изнесува 761, од кои 117 се од машки, а 551 од женски пол. Од нив, малолетни жртви на насилството биле 42 момчиња и 51 девојче.
Националниот совет за родова рамноправност, на фејсбук-страницата на „Излези од сенката“, информира дека при физичкото семејно насилство имало вкупно 389 полнолетни и малолетни жртви од двата пола. При психичкото семејно насилство имало вкупно 617 жртви, при сексуалното семејно насилство имало 12 жртви од кои десет биле возрасни жени, а две девојчиња. При економското семејно насилство имало 33 жртви од кои 31 возрасна од двата пола и едно дете.

– Вкупниот број на сторители на семејно насилство изнесува 719, од кои 661 се од машки, а 56 од женски пол. Малолетници се две лица од машки пол – наведено е на фејсбук-страницата.

Од Националниот совет за родова рамноправност на жртвите им нудат и бесплатна национална СОС-линија, каде што можат да побараат помош во случај кога се соочуваат со семејно насилство.

Од Министерството за труд и социјална политика велат дека Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство е првиот посебен системски закон во оваа област, со кој се унапредува и воспоставува целосен и координиран систем за дејствување на ниво на превенција, спречување и заштита од семејното насилство. Со овој закон се уредува одговорното и должно постапување на институциите и здруженијата, нивната меѓусебна координација и соработка, заради превенирање и спречување на семејното насилство и обезбедување заштита на жртвите.

– Центарот за социјална работа почнува постапката за обезбедување помош и заштита на жртва на семејно насилство и тоа веднаш, односно најдоцна 24 часа по добиено сознание за стореното насилство. Сознанието се добива по барање од жртвата, по пријава од физичко лице, службено лице, институција и здружение. Центарот за социјална работа, во случаи кога како жртви се јавуваат дете или лице што не се во состојба да се грижат за себе или лице со ограничена или одземена деловна способност, презема мерки за заштита, без оглед дали постои согласност на родителот или старателот – информираат од Министерството.

Оттаму додаваат дека Центарот за социјална работа, при заштита на жртвите, нив ги сместува во центар за лица – жртви на семејно насилство, им обезбедува соодветна заштита, соодветна психосоцијална интервенција и третман, психосоцијален третман во советувалиште, му се помага на семејството за редовно школување на детето, им се нуди правна помош и застапување, но и економско јакнење на жртвата преку нејзино активно вклучување на пазарот на трудот.

– Во случаи кога постои сознание за загрозување на животот и здравјето на жртвата и на членовите на семејството, како и кога дете е жртва на семејно насилство, се изготвува безбедносен план за помош, од страна на мултисекторски стручен тим. Овој мултисекторскиот стручен тим е составен од стручни лица од центар за социјална работа, полиција и здравствена установа од подрачјето за кое е надлежен центарот, како и претставници на здруженија, кои работат на полето на семејното насилство и истиот тој го координира меснонадлежниот центар за социјална работа – велат оттаму.

Во рамките на заштита но и запирање на насилството, и отстранување на последиците од извршеното насилство и преземање ефикасни мерки кон сторителот на насилството, заради елиминирање на причините за вршење натамошно семејно насилство, Центарот за социјална работа до судот доставува привремени предлог-мерки за заштита, спрема сторителот на семејното насилство и тоа: забрана да се заканува дека ќе стори семејно насилство, да малтретира, вознемирува, телефонира, контактира или на друг начин да комуницира со член на семејството, директно или индиректно; забрана да се приближува на растојание помало од 100 метри до живеалиштето, училиштето, работното место или определено место, кое редовно го посетува друг член на семејството; отстранување од домот без оглед на сопственоста, забрана да поседува огнено или друго оружје или истото тоа да му биде одземено; задолжително да ги врати предметите што се потребни за задоволување на секојдневните потреби на семејството; задолжително законско издржување на семејството; задолжително да посетува соодветно советувалиште; задолжително лекување на сторителот, доколку злоупотребува, алкохол, дрога и други психотропни супстанции или има психичко заболување; задолжително да ги надомести медицинските и другите трошоци настанати од семејното насилство или изрекување на која било друга мерка што судот ќе ја смета за неопходна за да се обезбеди сигурност и добросостојба на другите членови на семејството.