Фото: Васка М. Младеновска

Здружението „Зелена берза“ од Битола го реализира проектот „Од рурална жена до успешен претприемач без стереотипи и дискриминација”. Целта на проектот е да се надминат стереотипите кои се однесуваат на дискриминација на жените, да се издигнат жените на ниво на успешен претприемач.

– Правевме истражувања на терен и ги анализиравме размислувањата и на жените и на мажите во врска со оваа проблематика. Спроведовме анонимна анкета меѓу населението во девет пелагониски општини – истакна Валентина Соколовска, претседател на здружението „Зелена берза“ од Битола.

Со истражувањето беа опфатени 350 испитаници, мажи и жени со различно образование и различна возраст.

– На прашањето дали жените во руралните средини имаат здравствено и пензиско осигурување од 350 испитаници, над 50 % одговориле дека имаат, но, иако одговорот е потврден сите истакнаа дека здравственото осигурување им е на сопругот, не им е лично осигурување. Тука се наметнува прашањето колку жените во руралните средини во поодминати години би била финансиски стабилни и независни од домаќинството, без разлика на нивниот брачен статус. На прашањето колкави се можностите на жената да се оствари како жена претприемач, најмногу испитаници или 117 се изјасниле дека делумно имаат шанси, а како причина ја наведоа финансиската нестабилност. На прашањето дали трудот на жената е доволно признат и доволно платен, негативен одговор дадоа над 41 % , и се пожалија дека покрај тоа што жената е ангажирана во земјоделието, таа има и семејни обврски – вели Биљана Ристевска, ангажирана во проектот „Од рурална жена до успешен претприемач без стереотипи и дискриминација”.

Анализите покажуваат дека жените во руралните средини се соочуваат со предрасуди. Се соочуваат со потчинетост, озборување, недоволно права и можности, непочитување на жената и хиерархија во домот.

Од друга страна, статистичките податоци покажуваат дека на ниво на држава, бројот на мажи што се носители на индивидуално земјоделско стопанство е зголемен за над десет илјади, а кај жените има намалување за 90. Во Пелагонискиот регион бројот на жени кои се носители на земјоделско стопанство е зголемен и 900 жени повеќе се занимаваат со земјоделие.

Проектот „Од рурална жена до успешен претприемач без стереотипи и дискриминација”, здружението „Зелена берза“ од Битола го спроведува со поддршка од Фондацијата отворено општество Македонија.

Станува збор за шестмесечен проект што се реализира од ноември и ќе трае до април 2020 година.

М.М.