Најважно е граѓаните да се задоволни, зашто реформите се за граѓаните да живеат подобро, тие се лакмусот што ќе покаже колку добро се направени. Мислам дека досега сте направиле прогрес, очекуваме многу повеќе во иднина. Прогрес има во транспарентноста на власта, отвореноста кон граѓаните, медиумите, Собранието работи многу добро, се врати како дом на демократијата, каде сите дебатираат со аргументи, изјави eвроамбасадорот Сaмуел Жбогар по синоќешната трибина во Крива Паланка.

Посочи дека минатата седница за уставните измени поминала добро, како што кажа, „без електрицитет и нетрпеливост“, во што се гледаат позитивните промени, а исто така и во безбедносните мерки е направен голем чекор, со предлогот за реформи во УБК.

Трибината е прва од втората серија средби со граѓаните на ЕУ, насловена „ЕУ за тебе“ кои се одржуваат под мотото „Градиме заедничка иднина“.

Според него, еден од најголемите предизвици за власта во иднина е да работи на тоа граѓаните да се чувствуваат еднакви, дека не се под влијание на самата политика.

На трибината говореа и ко-панелистите Драган Величковски, директор на Локалната установа Градски музеј и Методи Цветковски, претседател на Регионален центар за соработка СПЕКТАР, двајцата со реализрани повеќе проекти со ЕУ предзнак, споделувајќи го искуството.

Жбогар неодамна беше прогласен за почесен граѓанин на Крива Паланка.

-За мене е чест што носи и одговорност тоа што сум почесен граѓанин, па токму поради тоа во консултација со градоначалникот одржавме работилница на која деведесетина лица се запознаа со можностите кои ги нудат ЕУ програмите, а во следниот период ќе направиме и серија обуки за да можат сите заинтересирани, секој во својот домен да аплицираат и користат средства. Оваа општина нема проблеми со загаденост на воздухот, но бев запознаен за потребите за управување со отпад и отпадни води. Во таа насока знам дека веќе е во имплементација регионален проект за управување со смет во СИПР со кој ќе се гради транспортен центар во Ранковце, но спорна е локацијата, а и планирана е набавка на нови возила за смет. И она што како и во останатите општини е проблем, а го посочија и вечерва, урбанистичките планови, ќе направиме позитивни резултати, ќе помогнеме како ЕУ за изготвување нови генерални и детални урбанистички планови за да може општините да се развиваат полесно, зашто плановите пак се основен предуслов за аплицирање при многу проекти за подобрување на условите за живот во градовите – рече Жбогар.

Според него најважно е што ќе биде направено за граѓаните.

– Општините и граѓанскиот сектор локално имплементираат бројни проекти во заедницата со помош на ЕУ фондови и се обраќаат до нас со идеи кои реално и нема толку средства за нивна реализација, додека Министерствата не ги искористуваат доделените финансии, така што ние мора да направиме децентрализација на финансисиите и да ги стимулираме општините, што сигурно во следниот период ќе биде направено – додаде Жбогар.