Борбата против тероризмот останува клучен предизвик што ги засега сите држави. Во таа насока деновиве се огласи и Европската Унија, која информира дека Брисел почнува да користи заеднички антитерористички регистар со што ќе го олеснува носењето обвиненија против милитанти што биле поранешни припадници на Исламска држава во Сирија и во Ирак, а сега веќе се враќаат во своите земји по учеството во војните на Блискиот Исток.

Според претставниците на ЕУ, овој потег има за цел делумно решавање на судбината на стотици државјани на ЕУ што се бореле за ИД, а сега се наоѓаат во затворите низ светот или на слобода.

Според информациите од европските медиуми, новата база на податоци ги опфаќа информациите од сите 28 земји-членки на ЕУ за истрагите што се во тек, обвиненија и осуди против милитанти, што ќе помогне во соработката меѓу државните обвинителства.
– Ова се очекува да помогне во осудата на воените злосторници и другите милитанти, кои инаку би можеле да бидат судени за помали кривични дела или воопшто да не им се суди, бидејќи во ЕУ не се собрани доволно докази – пишува „ЕУ обзервер“.
Претходно на истата тема се огласи и Русија, која предупреди дека Косово е упориште на тероризмот

Портпаролката на руското министерство за надворешни работи Марија Захарова на брифинг за новинарите наведе дека од конфликтните зони се враќаат припадници на Исламска држава (ИД), кои претходно биле регрутирани меѓу косовските Албанци и кои поминале низ воена обука.
Захарова информира дека Москва веќе забележала 250 такви случаи во Косово, а нејзината изјавата е објавена и на твитер-профилот на руското министерство за надворешни работи.

За овие опасности предупреди и Америка во последниот извештај на Стејт департментот за тероризмот и насилниот екстремизам, во кој се наведе дека Македонија соработува со САД во антитерористичките напори.
Во документот на Вашингтон се истакнуваше дека македонските власти проценуваат дека припадници и симпатизери на ИД се присутни во државата.
Во контекст на актуелните случувања, за обележување е фактот дека Македонија воопшто не заостанува во борбата против тероризмот зад моќните држави во Европа и нашата земја поседува свој организиран сет за справување со овие терористички закани.

За потсетување само минатата година нашата држава воведе свој регистар за евидентирање потенцијални терористички опасности, кој е дел од донесениот Закон за спречување на перењето пари и на финансирањето тероризам, кој е во согласност со европската регулатива. Истата година Владата ги донесе и Националната стратегија на Македонија за спречување насилен екстремизам и Националната стратегија за борба против тероризам.

Добро упатените велат дека овие новини во законите се своевидна добра основа за институционално превенирање на растечките опасности од терористичките закани од Блискиот Исток.
Според публикуваните јавни податоци, издадени од МВР и разузнавачките агенции, се проценува дека најмалку 150 македонски државјани патувале за да им се приклучат на терористичките групи во Сирија и во Ирак. Од нив, 30 се убиени, 40 и понатаму се присутни на Блискиот Исток, додека 80 се вратиле во Македонија, стои во извештајот на Стејт департментот.

Докторот на воено-политички науки Благоја Марковски вели дека
Македонија е многу активна во борбата со оваа безбедносна закана и таа истовремено има активна улога дома и во регионот, како и во сите меѓународни организации во кои се преземаат мерки за сузбивање на тероризмот.
Според аналитичарот, овие закани значително ќе стивнат во државата и регионот во моменти кога Македонија ќе стане дел од чадорот на НАТО.

[email protected]