Со оглед на стандардот, македонските граѓани наоѓаат сопствени решенија како својот стар автомобил, кој троши многу бензин, да го модифицираат и да го направат еколошки и економски исплатлив за нивниот џеб

Високите цени на горивата, најавите за ограничување на движењето на постарите возила низ градовите во деновите на енормна загаденост, но и будењето на еколошката свест кај дел од граѓаните, резултира со појавата на првите модифицирани еколошки возила низ градските улици. Во Македонија засега продажбата на нови фабрички произведени електрични возила е незабележителна.

Со оглед на високата цена, но и немањето доволна инфраструктура низ државава за полнење на батериите, електричните автомобили речиси и да не можат да се забележат низ скопските улици. Сепак, некои помали фирми, чија дејност е поврзана со дистрибуција, како пицерии и достава на разни други пратки, почнаа да набавуваат мали електрични возила, кои се еколошки, но најважно од сѐ, ја намалуваат цената на транспортот. Паралелно со тоа, во недостиг од реални мерки во борбата против загадувањето, а инспирирани и од високите цени на горивата, низ земјава зачестија модификациите на автомобилите. Најчестата модификација е конверзија на бензинските мотори на погон на течен нафтен гас, а поретко на природен гас.

Првите пионерски чекори во Македонија во оваа сфера беа направени во 2012 година, кога беше започната модификацијата од бензински во електричен погон на малиот „фиат чинквеченто“, кој официјално беше промовиран во 2015 година. Возилото го придвижуваше електричен мотор од 5 киловати, а со едно полнење можеше да помине од 70 до 80 километри, во зависност од сообраќајниот метеж.

– Кога ја изнесовме нашата идеја за модифицирање на автомобилот од бензин на електрика, наидовме на големо непознавање на луѓето задолжени технички да го документираат ваквото возило. Немаше правилници, па моравме да им доставуваме европски закони и стандарди, за да може да го регистрираме автомобилот. Кај некои станици за технички преглед дури имаше и одбивност за целата работа, па нѐ препраќаа на други места. Сепак, на крајот беше донесен правилник и врз основа на тоа успеавме да го регистрираме првото македонско електрично возило – вели Игор Јовановски, асистент-менаџер во компанијата „Гиза ко електроника“, која ја изврши модификацијата на автомобилот.

Според него, мофицирањето на автомобилите има различна цена, во зависност за какво возило станува збор, но дека само електрониката се движи околу 90.000 денари (1.500 евра). На тоа се надоврзуваат батериите, па и моторот, па според некоја слободна калкулација, едно модифицирање на просечен семеен автомобил за четворица патници би можело да чини меѓу 3.000 и 5.000 евра.

Слична иницијатива пројавија и група ентузијасти здружени во „ББ класик карс“, кои го промовираа автомобилот ЗАС Г20, репарирано „фиќо“, на кое му беа додадени електричен мотор, батерии и електроника. Конверзијата на ова возило беше реализирана со опрема произведена во фабриката на германската компанија „Кеслер“, отворена во Технолошко-индустриската развојна зона – Скопје 1. Тие не ја соопштуваат цената на чинење на ова репарирано возило, само истакнуваат дека е за 5.000 евра поевтино од електричниот „мерцедес смарт“.

Модифицираните возила на ваков начин подлежат на атест, бидејќи само така може да бидат регистрирани.

– Сите возила што се преправаат подлежат на атест, бидејќи станува збор за сериозна постапка во која се менуваат техничките својства зададени при производството. Мора да бидат задоволени сите аспекти околу исправноста на возилото, уредите, светлосните сигнали, за да може тоа возило непречено да се движи во сообраќајот – објасни Милан Ќосев, раководител на техничкиот сектор при Машинскиот факултет.
Тој уште додаде дека засега кај нив нема поминато вакво модифицирано возило, туку дека најголем број се возила што се конвертираат од погон на бензин на погон на течен нафтен гас. И од станиците за технички преглед велат дека речиси воопшто не се соочуваат со модифицирани возила од бензински на електричен погон, но додаваат дека доколку автомобилот ги има сите потребни сертификати и дозволи од надлежните служби, тие немаат проблем да го регистрираат.

Инаку, за разлика од тука, во Европа од година на година расте продажбата на електрични возила. Лани низ европските земји биле продадени 195.000 електрични автомобили, што претставува зголемување на продажбата од 47 отсто. Во Кина, каде што повеќемилионските градови според загаденоста на воздухот се рамо до рамо со Скопје, Битола и со Тетово, властите решија да преземат радикални чекори. Имено, во најголемиот технолошки центар Шензен, од 21.689 такси-возила, речиси 99 отсто се електрични, а автобускиот превоз е целосно електрифициран уште од 2017 година. Како и да е, во време кога светот полека се врти кон еколошките електрични возила, снаодливите македонски граѓани, немајќи доволно средства да си дозволат некоја „тесла“, ги користат својот ум и вештина да си овозможат евтин и, пред сѐ, еколошки превоз.