Безмалку три децении од независноста низ призмата на статистичките показатели

Според експертите, не само што е потрошена сегашноста туку е нагризен и дел од иднината на Македонија. По распадот на Југославија, земјава излезе како најсиромашна република од другите земји што ја сочинуваа поранешната федерација. Економијата продолжи да тоне, најмногу поради распадот на заедничкиот пазар, војните на овие простори, грчката блокада, економските санкции кон тогашната СР Југославија…

Близу три децении независност не успеаја да ја етаблираат земјава во групата земји што успешно излегле од транзицискиот период и ја поставиле економијата на здрава пазарна основа, која генерира приходи.
Македонската економија од осамостојувањето до денес остана заглавена во негативните показатели во сите сфери, со мали епизодни подобрувања, најчесто инспирирани од продажбата на поголемите државни компании.
По референдумот за независност на 8 септември 1991 година, економијата остана заробена во канџите на поранешниот социјалистички систем и делумно во новиот модел понуден од тогашниот премиер на СФР Југославија, Анте Марковиќ, чија идеја беше трансформација на компаниите со државен капитал во приватни компании пазарно ориентирани.

Некои од компаниите се трансформираа во акционерски друштва, а работниците станаа акционери, но исто така и голем дел од општествените претпријатија пропаднаа, а работниците останаа на улица.
По распадот на Југославија, земјава излезе како најсиромашна република од другите земји што ја сочинуваа поранешната федерација. Економијата продолжи да тоне, најмногу поради распадот на заедничкиот пазар, војните на овие простори, грчката блокада, економските санкции кон тогашната СР Југославија…

Мало економско подобрување се забележува кон крајот на 90-тите години на минатиот век, но средствата добиени од продажбата на Телекомот неповратно се трошат за тековни работи, наместо да се инвестираат во инфраструктурни проекти. Згора на тоа, добар дел од овие средства „изеде“ и воениот конфликт во 2001 година, по кој економијата излезе уште послаба.

Македонија монетарно се осамостои на 26 април 1992 година, кога Собранието на Република Македонија донесе пакет-закони со кои се постави институционалната рамка на монетарниот систем и се воведе денарот како парична единица во државата.
– Наспроти релативно високата макроекономска стабилност, порастот, речиси во целиот транзициски период, остана скромен, „анемичен“. Тоа, во основа, не е во согласност со економската теорија, која упатува на сознанието дека постои нагласено позитивна корелација помеѓу макроекономската стабилност и динамиката, квалитетот и одржливоста на порастот – констатира академик Таки Фити.
Имено, просечната реална стапка на пораст на бруто-домашниот производ (БДП) на земјата во периодот 1996-2017 година изнесува само 2,7 отсто и е далеку под потенцијалот на македонската економија.

Според податоците на Државниот завод за статистика што ја опфаќаат последнава деценија, бруто-домашниот производ (БДП) во 2009 година изнесувал 409.100 милиони денари и во однос на 2008 година забележал пад од 0,6 отсто. Реалната стапка на пораст на БДП во однос на 2008 година изнесувала -0,9 отсто. Во 2010 година БДП изнесува 424.762 милиони денари и во однос на 2009 година номинално е зголемен за 3,4 отсто. Реалната стапка на пораст на БДП во однос на 2009 година изнесува 1,8 отсто. Веќе во 2014 година БДП изнесува 525.620 милиони денари и во однос на 2013 година номинално е зголемен за 4,7 отсто. Реалната стапка на пораст на БДП, во однос на 2013 година, изнесува 3,5 отсто. Бруто-домашниот производ во 2017 година изнесува 616.600 милиони денари и во однос на 2016 година номинално е зголемен за 3,7 отсто. Реалната стапка на пораст на БДП во 2017-та, во однос на 2016 година, изнесува 0,2 отсто. Според проценетите податоци на Државниот завод за статистика, стапката на пораст на бруто-домашниот производ (БДП) за второто тримесечје од 2019 година е 3,1 отсто.

– Ако и во иднина остваруваме просечни годишни стапки на пораст од 2 отсто, на земјата ќе ѝ требаат дури 35 години за да го дуплира својот БДП. Ако стапките на пораст, пак, се приближат кон потенцијалот на македонската економија (околу 5 отсто), периодот се скратува на 14 години – смета Фити.

Низ годините на независност Македонија бележи и висока стапка на невработеност, околу која често меѓусебно се обвинуваат власта и опозицијата.
Во 1993 година стапката на невработеност изнесувала 27,7 отсто, две години подоцна 35,6 отсто, додека во 1997 година невработеноста се искачила на 36 отсто. На почетокот на новиот милениум стапката на невработеност паднала на 32,2 отсто, за во 2005 година да се искачи на 37,3 отсто. Во 2010 година има повторен пад на невработеноста на 32,1 отсто, во 2015 година таа е 26,1 отсто, додека во 2017 година невработеноста изнесува 22,9 отсто. Минатата година стапката на невработеност изнесувала 19,4 отсто.

– Економскиот пораст на Македонија се соочува со сериозни проблеми во текот на целиот период од изминативе речиси три децении. Тој е недоволен и нема соодветна динамика, па, така, со исклучок на неколкуте години во текот на средината од првата декада на овој век (2004-2008), кога просечната стапка на пораст изнесуваше 5,3 отсто, во текот на сите други периоди просечните стапки на пораст се постојано ниски или негативни и кумулативно во просек за периодот 1994-2003 година и 2009-2017 година изнесуваат само 1,6 отсто.

Во изминативе две и пол декади, од 1994 година до денес, состојбите со динамиката на македонската економија се одликуваат со многу ниско просечно ниво на пораст, кое не овозможува економијата да стане динамична, да ги решава потребите за растечки стандард на населението и да овозможи нејзини посериозни структурни промени – оценува Никола Поповски, поранешен министер за финансии.
За бавниот економски развој низ годините од осамостојувањето до денес постојано алармираат и бизнисмените, кои бараат од државата да создаде соодветна бизнис-клима.

– Македонија во последните две декади бележи релативно бавна развојна динамика, со просечна стапка на пораст од 2,7 отсто во периодот 2001-2017 година, што, споредено со земјите од регионот, ја вбројува во групата на земји со доста лоши економски резултати. На пример, просечната стапка на економски пораст за истиот период во Албанија е 4 отсто, Бугарија 3,7 отсто, Србија 3 отсто, Црна Гора 3 отсто, Романија 4 отсто, Словачка 4 отсто, Естонија 4 отсто, Полска 3,6 отсто. Македонија денес, со 5.245 американски долари номинален бруто-домашен производ по жител, или со 4.880 американски долари бруто-национален доход по жител за 2017 година, според рангирањето на Светската банка, е на долното скалило од земјите со повисок среден доход (земји што имаат БНД по жител од 4.036 американски долари до 12.236 американски долари). Обидувајќи се да ја избегне стапицата на среден приход на почетокот од 1990-тите, Македонија падна во стапица од транзицијата што не ја избегна досега – појаснува Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Македонија.

Академикот Гоце Петрески смета дека во речиси трите изминати децении од самостојноста, македонската економија бележи неповолен тренд.
– Македонската транзиција е фундаментално неуспешна. Македонија останува изгубена во транзицијата. Образецот на македонската економија е загрижувачки промашен. Македонија сериозно заостанува и во регионов, станувајќи инфраструктурна црна дупка – меѓу најсиромашните економии, со перформанси на земјите од европската суперпериферија. Не само што е потрошена сегашноста туку е нагризен и дел од иднината – песимистичен е Петрески.

Останува надежта дека по приемот на земјава во НАТО, како и по евентуалниот почеток на преговорите за пристапување во ЕУ, значително ќе се подобрат економските перформанси на македонската економија и таа конечно ќе зачекори по нагорен пат.