Крајбрежјето на Охридското Езеро во делот меѓу Љубаништа и Св. Наум деновиве наликува на апокалиптичките слики од екстремно загадените предели на земјината топка.

Огромна количина пластика, стакло, шут лежи на брегот исфрлена од надојдената вода на реката Черава, една од четирите реки од езерското сливно подрачје. Локалните жители укажуваат дека реката била практично пресушена сѐ до неодамна, кога со силните врнежи водотокот повторно се вратил.

За жал, во меѓувреме празното корито на реката некој го полнел со најразлични видови отпад, кој сега водата го спуштила до езерото. Силниот ветер и брановите се погрижиле отпадот сепак да не заврши во езерскиот шир, туку им го вратија на несовесните граѓани за да го отстранат и да не дозволат да го доуништиме природното богатство кое и онака е нападнато од сите страни, пред сѐ од нашата негрижа.