Актуелната градоначалничка на Тетово на низок и недостоинствен начин за функцијата што ја извршува, ги обвинува граѓаните за мини-депонии кои настануваат во градот, реагираат од невладината „Екогерила“.

Ова следува откако Арифи на социјалните мрежи ги едуцираше граѓаните дека сметот треба да се фрла во контејнери.

– Онаму каде истите не се поставени значи дека не е место за оставање на смет. И на 40 степени се чисти пред православните гробишта, јавна површина на која не доликува да се фрла отпад  напиша Арифи на Фејсбук.

Меѓутоа на ова реаагираат од невладинот сектор, од каде посочуваат дека вината е кај локалната власт, бидејќи граѓаните вооошто нема каде да го фрлат сметот, оти како што велат, во градот недостасуваат контејнери.

– Градоначалничката треба да биде информирана дека начинот на живот и потрошувачката на стоки во Тетово е зголемен во последните 10 години. Затоа, нејзините соработници треба да пресметаат и да испланираат колку контејнери треба да има според просечниот индекс, колку отпад има по жител и колку често треба да се чистат, бидејќи овие 8 години не е направено скоро ништо. И работниците на ЈПК Тетово не се виновни бидејќи работат во мизерни услови и целиот смет во градот се собира со 2-3 остарени камиони – нагласуваат од „Екогерила“.