Петта трансплантација на срце и две трансплантации на бубрези од починат донор се извршени денеска во комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје.
Трансплантацијата на срце е извршена кај 66-годишен пациент за кој немало друга алтернатива и чие срце работело со помалку од 20 проценти, а трансплантациите на бубрези се извршени кај двајца 40-годишни пациенти кои оделе на дијализа.

Донор е 42-годишна жена која имала желба да ги донираат органите по смртта.

– Голема благодарност до семејството на починатата пациентка која за жал имаше спонтано крварење во мозокот и беше детектирана мозочна смрт, а сопругот и братот ја испочитуваа нејзината желба која ја искажала уште за време на животот, а тоа е при нејзина евентуална смрт да бидат донирани нејзините органи – изјави Филипче.
Пациентот на кого му е вградено новото срце е на респираторна машина, а веќе од утре треба да започне процесот на будење. Оваа фаза, како што посочи Филипче, е критична, но се надева дека пациентот ќе ја надмине и нема да има позначајни компликации.