Карактеристика на годинешното 46-то издание на туристичката манифестација Галичка свадба, која се одржува од 1963-та, беше тоа што триесетина свадбарски обичаи и ритуали им беа презентирани на неколку илјади посетители од Македонија и светот, меѓу нив и покровителот, претседателот на државата, Стево Пендаровски, како и претставници на Владата и дипломатскиот кор.

Во куќата на младоженецот, на Караѓорѓевци, една од најстарите и најугледни сточарско-печалбарски фамилии во Галичник, беа одржани и испеани многу песни, обичаи што се одржуваа цела недела, како во минатото, кога се правеа вистинските галички свадби.

– Среќен сум што им го исполнив аманетот на татко ми Крсте и на дедо ми Стево, наедно и моите желби. Среќен сум што син ми Огнен и снаата Марина одлучија свадбата да ја направат во Галичник по сите адети – со задоволство говореше свекорот Митре, чија радост и исполнетост на душата нема зборови да ги искажат.
И покрај тоа што времето во неделата, кога се одржа поголем дел од обичаите, беше магливо и студеникаво, беа изведени многу обичаи на десетина локации во селото и околината.

По изведувањето на неколку обичаи, канење на мртвите, канење на кумот, бричење на зетот и други, невестата од нејзиниот дом, качена на коњ, беше однесена во куќата на избраникот, а на патеката по која минуваше свадбарската поворка беше поздравувана од посетителите, на што таа со поклонување им отпоздравуваше.

Првпат на годинешнава свадба, пред одржувањето на чинот на венчавањето, ахримандритот Партениј, игумен на Бигорскиот манастир, кој чиноначалствуваше со светата литургија во која учествуваа монаси и монахињи, црквата беше исполнета со народ, кој внимателно ја ислуша литургијата. Потоа младоженците Марина и Огнен застанаа пред олтарот и со сите црковни обреди беа венчани од страна на игуменот Партениј, кој ги благослови да имаат заедничка љубов и среќен брак со неколку рожби, притоа истакнувајќи дека бракот во црквата е издигнат на ниво на света тајна, во најголема тајна на литургијата.

Посетителите особено беа воодушевени од презентацијата на исконските ора, „Тешкото“, „Невестинското“ и „Манукот“, кои ги изведоа членовите на „Македонски бисер“ од Скопје. Трите ора ги симболизираат маките, премрежињата и тешкотиите на македонскиот народ низ вековите. Ората завршуваат со виртуозна и брза игра на фолклористите, со што ги најавуваат надежта и желбата за подобро утре.
Исто така со голем интерес посетителите ги проследија свадбарските обичаи во саботата, кога започна Галичката свадба.

Македонската филхармонија во петокот вечер на платото пред чешмата „Упија“ изеде незаборавен концерт. Адреналинот на публиката беше зголемен кога со филхармонијата настапија традиционалните зурлаџии и тапанџии на тајфата „Трио Мајовци“. Извонреден и несекојдневен спој на музицирање што сите ги восхити.

На крајот, пофалби заслужува организаторот, месната заедница Галичник, за уште едно извонредно организирање на единствената и неповторлива Галичка свадба.