Владо Малески е истакнат македонски писател, револуционер, учесник во НОБ, општествено-политички и културен работник и автор на текстот на македонската химна „Денес над Македонија се раѓа“

На 5 септември 1919, или точно пред 100 години, во Струга е роден Владо Малески, истакнат македонски писател, учесник во НОБ, општествено-политички и културен работник, дипломат и амбасадор. Малески е автор на текстот на македонската химна „Денес над Македонија се раѓа“. Исто така, тој е автор на сценариото за првиот македонски игран филм „Фросина“. Тој е еден од најталентираните повоени основоположници на современата македонска проза. Бил директор на Радио Скопје и уредник на списанијата „Нов ден“, „Современост“ и „Разгледи“. Член на Друштвото на писателите на Македонија бил од 1946 година.

Малески е првиот глас на Радио Скопје, со неговата легендарна реченица „Зборуе Радио Скопје, зборуе радио Скопје“ – почнува историјата на македонското радио, каде што станува и директор. Во текст објавен во празничниот, велигденски број на „Нова Македонија“ за 5, 6, 7 мај 1945 година, пишува дека ноќта меѓу 3 и 4 мај „при една акција на првиот баталјон на Третата бригада, беше убит познатиот бандит Джемо“.

Притоа Малески ја имал предвид „службената верзија“, објавена од тогашната народноослободителна власт во Македонија, за ликвидацијата на Џемо Хасани, односно Џемо Балистот или Џемо Симница. Во текстот на Малески понатаму пишува: „Во последно време, со последните остатоци од своите најверни лугје, Джемо се криеше во тетовска околија. Тамо го најдоја војниците од Народната одбрана и во борбата која се водеше над село Гјургјовиште беше утепан Джемо, најголемиот крвник на нашиот народ, верен слуга на фашиските окупатори“, пишува Малески во тогашна „Нова Македонија“

Работел во дипломатската служба како југословенски амбасадор во Либан, Етиопија и во Полска и бил член на Претседателството на Социјалистичка Република Македонија. 


Факти за Малески од Монографијата на „Нова Македонија“

„Остен“ е првиот сатирично-хумористичен весник поттикнат по иницијатива на соработниците на „Нова Македонија“, со „кумство“ на Владо Малески, а за овој хумористичен првенец весникот во споменатиот број 26 запишал: „Ќе излезе кога ќе му текне“.
Кон средината на 1949 година се појавила рубриката „Осврти“, во која биле давани сите материјали посветени на одбраната на македонската нација и држава. Рубриката била мошне читан дел од весникот, па во исто време се појавиле и првите писма од читатели и сето тоа се одразило на тиражот, кој набргу ја надминал бројката од 45.000 примероци. Рубриката подоцна се појавила со модифициран наднаслов „Против клеветите и дезинформациите“. Редовни автори и гости биле веќе осведочените теоретичари: Мито Хаџивасилев-Јасмин, Лазар Мојсов, Димитар Влахов, Моша Пијаде и други. Се пројавил и Владо Малевски со мозаичната статија под наслов „Рамазанските вечери на бугарските јакобинци“, работена врз мошне актуелни поводи на оваа невралгична тема.