Се придвижува ли ЕУ кон воено-нуклеарна независност

Какви безбедносни предизвици стојат пред државите од Европската Унија за прашањата поврзани со нуклеарното оружје? Што го „мачи“ најмногу Брисел кога се говори за активности за оружјата за масовно уништување? До каде е ЕУ со создавањето на своите нуклеарни воени стратегиски оружја, односно со стратегијата за „европска нуклеарна независност“, која долго време се прикрива од јавноста? Деновиве ваквите теми беа исклучително актуелни во воено-политичките експертски кругови. Зошто?

Во својата анализа за нуклеарното вооружување, лондонскиот аналитички центар „Глобал ризикс инасјат“ (ГРИ) дава одговор на низа прашања што во последно време стануваат сѐ попопуларни и подискутирани во Унијата. Тоа се должи на фактот што „американскиот партнер (САД) на ЕУ“, во врска со светската безбедност „не дава веќе толку сигурни гаранции за светскиот мир“. Таквите состојби отвораат прашања за „европска нуклеарна независност“ и за „европски нуклеарни капацитети на Унијата“, што во основа се мисли на военото стратегиско вооружување. Се отвора ли во врска со ова ново поглавје на ЕУ?

Зошто самостоен нуклеарен потенцијал на ЕУ?

Според институтот, идејата за европски нуклеарни капацитети се развила во раните 50-ти години на минатиот век и со неа се предвидувало земјите од Стариот Континент да имаат свој нуклеарен капацитет што ќе биде паралелен со оној на Вашингтон, бидејќи на тој начин ќе се намали зависноста на Европа од Америка, но и несаканата инволвираност во странските конфликти. Сепак, оваа иницијатива никогаш не заживеала поради „стравот од нарушување на безбедносните релации меѓу западните сојузници“. Заживеаната дебата за нуклеарните капацитети доби динамика по руското инволвирање во Украина во 2014 година. Истото тоа доби актуелност и по американското повлекување од Европа, кое започна во 2018 година, па потоа со иранскиот договор за нуклеарната програма во 2019 година, а тензијата по ова прашање (создавање ЕУ-нуклеарни капацитети) ја држи Северна Кореја.

Кој е „за“, а кој е „против“ во ЕУ за создавање самостојни нуклеарни воени капацитети?

Аналитички центар „Глобал ризикс инасјат“ (ГРИ) истакнува дека дебатата во полза на создавање самостојни капацитети за нуклеарно вооружување доаѓа од страна на лидерите на ЕУ, Франција и на Германија. Во февруари 2020 година, францускиот претседател Емануел Макрон најави силни мерки за „засилување на стратегиските безбедносни капацитети на Европа“ и предложи „стратегиски дијалог меѓу ЕУ-партнерите за развој на нуклеарните оружја“.
Според Макрон, овие прашања се исклучително битни во денешно време кога се говори за европската безбедност бидејќи тие подразбираат спроведување нови политики, кои ќе иницираат развој и распределба на конвенционални оружени системи и нуклеарни оружја на европска почва. Од друга страна, спротивно од овој француско-германски став, за нуклеарното вооружување и нуклеарна европска независност, се размислувањата на земјите како Австрија, Шведска, Данска и Ирска, кои во изработен документ внатре во Унијата подготвиле сет мерки што одат во полза на „прохибициски размислувања за развој и употреба на нуклеарни арсенали“.

Британија „за“, но со поддршка на САД

Британскиот весник „Гардијан“, пак, во свој осврт на оваа тема забележува дека властите во Лондон сметаат дека нуклеарната независност на Европа од САД може да дојде само во околности во кои европските држави самостојно ќе развијат свој арсенал оружја и технологии од оваа област.
– Стратегискиот концепт што најмногу им одговара на европските држави треба да има еден фокус, односно да се развиваат нуклеарни оружја чија единствена цел ќе биде превенција на конфликтите однапред – пишува „Гардијан“.


Каде е Македонија во „нуклеарната приказна“

Воено-политичкиот аналитичар Милан Стефаноски вели дека кога се следат овие случувања од македонска перспектива се добива најпрвин впечаток дека сме многу мали и непостојни во таа приказна, но се заборава дека сите настани што се одигруваат на сцената исклучително силно ја тангираат безбедноста на нашите граѓани.
– На почетокот мора да се акцентира дека Македонија сега е дел од НАТО. Како членка на Алијансата, таа е обврзана да реагира во согласност со колективните одлуки на Алијансата. Истовремено Македонија е аспирант за членство во ЕУ и составен дел на европските безбедносни сили, па оттука истите правила за воениот сојуз важат и за европските релации. Кога сѐ ќе се пресмета, може да се заклучи дека хипотетички, ако Европа одлучи да развива нуклеарни потенцијали, и Македонија ќе треба да се приклучи во иницијативата, најверојатно од логистичка позиција. Од друга страна, пак, доколку НАТО одлучи да го прераспредели својот нуклеарен потенцијал од некоја причина, територијата на нашата земја им е на располагање на сојузниците дури и по прашања од нуклеарната тематика – вели Стефаноски.
Сепак, воено-политичкиот аналитичар Милан Стефаноски резимира дека лично се надева дека во Европа ќе надвладеат политиките за нуклеарно разоружување и за намалување на арсеналот на овие опасни оружја, бидејќи верува дека ЕУ треба да се движи по патот на мирот и толеранцијата, а не по некои други траектории.

[email protected]