Фото: Игор Бансколиев

РАЗЛИЧНИ ГЛЕДИШТА ЗА КРАТКИОТ ИЗВЕШТАЈ ОД БРИСЕЛ

Нотирањето постапки во правосудството, кои не се завршени, не е показател за ЕК да констатира дека има напредок во правосудните реформи и во владеењето на правото. Треба да има пресуди за да се утврди дали се применуваат законите, што е релевантен доказ за владеењето на правото и правната држава, тврдат правните експерти

Вонредниот извештај на Европската комисија за напредокот на реформите во Македонија, очекувано предизвика и соодветни реакции во политичката јавност. Сепак, и овој пат не изостана различната диоптрија со која извештајот се чита, односно толкува.
Според претставници од власта, Европската комисија видела „значителен напредок“ во Македонија, која ги исполнила условите што ѝ беа наметнати од Советот на ЕУ за почеток на преговорите. Генералната оцена на Брисел е дека Македонија „ги зголеми своите напори и испорача опипливи и одржливи резултати во клучните области“. Во тој контекст се наведени судските реформи, случаите на висока корупција, безбедносните реформи и реформите во јавната администрација.

Покрај набројувањето на многуте случаи на СЈО, како напредок во извештајот на Европската комисија за Македонија се споменува и справувањето со случајот „Рекет“, наведувајќи дека како резултат на истрагата се осомничени три лица, меѓу кои и специјалната јавна обвинителка Катица Јанева. Освен случајот „Рекет“, во извештајот на ЕК е наведено и разрешувањето на шест судии, во јули 2019 г., вклучувајќи го претседателот и двајцата судии од Врховниот суд, како и тројца други судии (вклучувајќи го поранешниот претседател на Кривичниот суд во Скопје). Токму ваквите оцени во извештајот предизвикаа и низа полемики во стручната јавност за тоа колку ЕУ е принципиелна и доследна во своите заложби, во однос на почитувањето на процедурите и владеењето на правото. Дотолку повеќе што во извештајот се споменуваат неправосилни одлуки, а во однос на случајот „Рекет“, истиот тој е далеку од правна завршница и конечна одлука. Правните експерти имаат поинакво мислење за извештајот на ЕУ.

– Ваквиот извештај на Европската комисија само бележи факти, а не и резултати. Факт е дека се води судска постапка за случајот „Рекет“, но за да се утврди дека има напредок во однос на владеењето на правото, треба да има пресуда. Во однос на разрешувањето на судиите, факт е дека е поведена постапка за преиспитување на нивните одлуки, но тоа е иницијална ситуација за која сѐ уште нема конечна разврска. Набележувањето постапки во правосудството, кои не се завршени, не е релевантна состојба за ЕК да констатира дека има напредок во правосудните реформи и во владеењето на правото. Треба да има пресуди за да се утврди дали се применуваат законите, што е релевантен доказ за владеење на правото и правната држава – смета поранешниот јавен обвинител Ставре Џиков.
Како уште една позитивна придобивка од извештајот на ЕК, во дел од македонската јавност се наведува носењето на новиот закон за јавното обвинителство, а главната цел на новиот закон, според комисијата, е „да обезбеди одговорност за сторените прекршувања на законите и целосно затворање, до правосилна судска пресуда, на случаите кои ги почна СЈО.“

За да се утврди дека има напредок во однос на владеењето на правото, треба да има пресуди, тврдат експертите

– Пред сѐ, Законот за јавно обвинителство има голем дефект во смисла на тоа дека со него се утврдува што е доказ во судска постапка, што според сите теории и практики на правото го утврдува судот. Потоа, и начинот на негово донесување во голема мера е контроверзен. Се сомневам дека правниците во ЕУ, во своите земји би донеле и би поддржале такви закони (како овој нашиот за јавно обвинителство), со кој всушност се нарушува утврдувањето на вистината – вели Ставре Џиков.
Краткиот извештај на ЕК, за кој во Брисел се истакнува дека е вонреден, е пред сѐ предизвикан од процесот на воведување нова методологија за преговори за членство во ЕУ, која треба да се усвојува на самитот на ЕУ закажан за 26 март годинава. Надежите на Македонија се дека со усвојувањето на методологијата, на истиот самит ќе биде одлучено на земјава да ѝ се додели и датум за почеток на преговорите за членство во Унијата.

– Штом некој процес се бележи во извештајот на ЕК, во основа претставува поддршка да се продолжи со тоа до постигнување одредена цел. Во таква светлина го гледам и бележењето на судскиот случај „Рекет“, како и носењето на Законот за јавно обвинителство, како дополнителен поттик во борбата против високата корупција и криминал. Од ЕК сакаат да укажат дека не треба да има заштита на криминалот, па макар и да доаѓа од власта. Неселективноста во казнивоста на криминалот и високата корупција е еден од основните принципи на владеењето на правото, што претставува еден од темелите на функционирањето на Европската Унија – вели Дане Илиев, поранешен претседател на Врховниот суд.