Фото: Игор Бансколиев

ЕУ го практикува добро познатиот рецепт (2)

Проблемот со таканаречената „мигрантска криза“, e всушност добро планирана и спроведена геоекономска и геополитичка операција од големи размери, која всушност била поставена од „некои сили“ во самиот центар на европската политика на почетокот на 21 век. Во однос на оваа тема во Европа годиниве наназад се преклопија интересите на големите сили врз плеќите на мигрантите од Блискиот Исток, но и недолжните европски граѓани и буквално пред нашите очи незабележливо се формира новиот европски политички пејзаж, за кој сите ние мислевме дека впрочем е нестабилност што произлегла од виша сила од која се формира и новата демографска слика во Европа.

Со ваква анализа во неколку продолженија излезе неодамна реномираниот хрватски портал „Геополитика њуз“, кој наведува дека, всушност, преку мигрантската криза моќните држави во светот САД, но и другите од Европа меѓу кои и Германија учествувале во создавањето на оваа перманентна нестабилност, со намера западниот свет да ги контролира политичките процеси и подоцна да создаде нови економски пазари каде што овие моќни земји во иднина би профитирале при обновата на државите од кои бегалците доаѓале или минувале. Во исто време, порталот наведува дека „најмоќните држави“ се способни да го згаснат проблемот кога тие ќе посакаат. Имено, повеќето политички истражувања и студии, кои се направија на оваа тема по стивнувањето на кризата, сѐ уште се актуелни и говорат дека лицемерството во намерите на големите сили кон остварувањето на своите скриени цели (економски и политички) се, всушност, и креатор на овој, можеби, најголем проблем со миграција на човештвото во 21 век.

Како што наведува реномираниот хрватски портал, кој се занимава со геополитички истражувања, во екот на миграциските поплави што се случија некаде во август 2015 година, европската политичка елита од најмоќните земји-членки, предводена од Германија, тврдеше дека хаосот со миграцијата е дел од неизбежната глобализација. Според нив, таа има карактеристики на природна непогода, виша сила што не може да биде запрена ниту пак некој може да ѝ се спротивстави со превентивни методи, туку светот треба да се приспособи.

Тие денови, како што понатаму наведува анализата повикувајќи се на истражување тогаш објавено од „Дојче веле“ од страна на Кирстен Книп, се повикува на адаптација на европските држави и прифаќање на мигрантите по секоја цена. Анализа на авторот објаснува како низ историјата формирањето на европските држави и нации-држави, особено во обединувањето на германските држави во Германското Царство, е направено токму со вакво слично народно обединување од цела Европа без оглед на нации и вери. Тогаш и се заклучува дека заднината на формирањето на денешната германска држава, но и другите нации-држави на Стариот Континент е всушност направена преку ист ваков мигрантски процес во минатото. Книп во својот осврт ја отвора можноста за успешна адаптација на мигрантите во една заедница велејќи дека народната кохабитација е уште можна и треба да се случи.

– Денес, оваа увезена имиграциска маса мирно се дистрибуира до сите земји-членки на ЕУ, вклучувајќи ги и оние што немаат никаква врска со целиот процес или отворено се противат на тоа. Ефикасноста на работата на имигрантите се покажа како исклучително дискутабилна и големото прашање е дали десет отсто од нив работат. Сепак, аргументите за недостигот од работна сила за германската економија и за вработување на мигрантите не се доволен аргумент за овој процес да се одвива како што се одвива денес, контролирано и по потреба – се вели во анализата.

Сосема на крајот од истражувањето се наведува дека, всушност, ништо не било случајно и спонтано за време на мигрантската криза. Европа не е жртва на никого во целиот тој процес, а Германија и европските политички лидери се однесувале како со мигрантскиот бран да им се случил мозочен удар на Европејците, и денес тие ништо не се сеќаваат. За жал, повеќето од Европејците, но и другите сѐ уште не ја заборавија страшната слика и ден-денес се охрабруваат и уценуваат токму од овие лидери да ги примат другите непоканети гости во своите домови (држави) по секоја цена.

(Крај)