Канцеларијата на делегацијата на Европскиот парламент во мешовитиот парламентарен комитет Северна Македонија – ЕУ го осудуваат предизборниот спот на европратеникот Ангел Џамбаски.

Во соопштението, што е испратено од страна на претседавачот на Комитетот, Андреас Шидер и заменик-претседавачи Ирена Јовева и Марион Валсман тие се против основачките принципи на ЕУ и Договорот за добрососедство меѓу двете земји.

– Длабоко жалиме што видеото отворено не ги почитува напредокот и напорите направени од Северна Македонија на патот кон ЕУ, нешто што е признаено од Европскиот парламент, институциите на ЕУ и од земјите членки. Ја повикуваме бугарската влада, вклучувајќи го и премиерот, да го осудат ова видео објавено од неговиот коалициски партнер и да се оддалечат себеси најјасно што може од ваквата реторика – се вели во соопштението.

Во него понатаму се додава дека „Европската Унија има за цел да ги промовира мирот, нејзините демократски вредности и благосостојбата на граѓаните, да ги надмине историските разлики и да работи заедно за заедничка иднина.

– Ние инсистираме дека Бугарија и Северна Македонија треба да ги продолжат своите напори за добрососедски односи и сите активности што го нарушуваат овој дух треба да се избегнуваат и да се сметаат за неприфатливи – стои во соопштението.

Европскиот парламент повикува и на итно прифаќање на преговарачката рамка за Северна Македонија и одржување на првата Меѓувладина конференција без одложување со цел да почнат пристапните преговори за време на португалското претседателство.

Претходно заменик-претседателот на бугарската ВМРО-БНД, Џамбаски во објава и видеоспот на Фејсбук со кадри од Скопје, Охрид и други локации од државава наведе дека „Македонија е бугарска, а Бугарија е над сѐ“.