Фото: Игор Бансколиев

Студија на Марк Стејн, еден од најчитаните колумнисти во светот

Во својата студија за крајот на светот каков што ние го знаеме, Канаѓанецот Стејн пишува дека мултикултурализмот ја прави нацијата само нација на хартија, а во отсуство на културна идентификација, демографијата ќе ја одреди иднината. Во однос на мигрантската криза со која се соочува Европа, Стејн смета дека не станува збор за „криза“ туку за смислена стратегија со која до 2025 година европскиот континент ќе стане доминантно муслимански

Пишува: Блаже Миневски

Канаѓанец Марк Стејн, еден од највлијателните и најпопуларни колумнисти во англиското говорно подрачје, во својата книга „Осамена Америка“, или крајот на светот каков што ние го знаеме, категорично тврди дека иднината им припаѓа на плодните и сложните, а тоа, според него, се муслиманите. Пред околу петнаесет години, во својата студија за предизвиците со кои се соочува светот, која веднаш стана бестселер на „Њујорк тајмс“, фрапантно точно ги предвиде настаните што сега, со завршниот бран на таканаречената мигрантска криза, се случуваат во Европа. Според него, не станува збор за „криза“ туку за смислена стратегија со која до 2025 година европскиот континент ќе стане доминантно муслимански, односно бројот на жителите со муслиманска вероисповед ќе надмине педесет отсто од населението. Во својата студија со поднаслов „Крајот на светот каков што ние го знаеме“ пишува дека Европа, барем официјално, има околу дваесет милиони муслимани, а тоа е еднакво на Данците плус Ирците, плус Белгијците, плус Естонците: „Колкава е муслиманската популација во Ротердам – се прашува авторот. – Четириесет проценти – одговара самиот. – Кое е најпопуларното машко име за бебињата во Белгија? Мухамед. А во Амстердам? Мухамед. Во Малме, Шведска? Мухамед. До 2005 година тоа беше најпопуларното име за машки бебиња и во Британија!“ Во продолжение на својата студија, односно за прашањето кои земји денес имаат половина од својата популација на возраст под петнаесет години, шеесетгодишниот Канаѓанец пренесува егзактни статистички податоци: „Шпанија и Германија имаат 14 проценти, Велика Британија 18 проценти, а Саудиска Арабија 39 проценти, Пакистан 40 проценти, Јемен – 47 проценти па тој, малечкиот Јемен, како Велика Британија пред двесте години, ќе ја испрати својата вишок младост низ целиот свет, на ваков или на онаков начин.“

Русија наскоро ќе стане нација на бабушки!

„Во Авганистан во 2005 година стапката на раѓање на 1.000 луѓе беше 47,02, а во Албанија таа стапка беше 15,08. Тоа значи дека Албанците се множат со една третина од стапката на Авганистанците. Стапката на фертилитет за ’обнова на населението’, односно бројката што е потребна само за стабилна популација, без зголемување или намалување на населението е 2,1 бебиња по жена. Светски лидер во фертилитет е Нигерија со 7,46 бебиња, а веднаш зад неа се Мали со 7,42, Сомалија – 6,76, Авганистан 6,69 и Јемен со 6,58 бебиња по жена. Сите овие земји се муслимански земји. Ако се вратиме на Балканот, веднаш во очи паѓа Албанија. Нејзиниот фертилитет изгледа мал во споредба со Авганистан, но тој е со највисока стапка во Европа! А зошто е тоа така? Бидејќи Албанија е единствената европска земја со мнозинско муслиманско население. Барем засега. Германија и Австрија се на работ на смртоносната спирала со 1,3 бебе по жена, Русија стои уште полошо со 1,2 бебе по жена, каква што е состојбата и во Италија, а во Шпанија состојбата е дури и полоша – само 1,1 бебе по жена. Оттука шпанската популација со секоја следна генерација се преполовува, па веќе сега има повеќе родители отколку деца, и четири пати повеќе баби и дедовци отколку внуци, или осум пати повеќе прабаби и прадедовци отколку правници. Русија, на пример, до средината на овој век ќе падне на околу 85 милиони луѓе, а во неа над 70 проценти од бремените жени сѐ уште завршуваат со абортус.

Според тоа, Русија ќе стане нација на бабушки, неспособна да испрати доволно млади војници да ги обезбедат нејзините граници, без доволно млади бизнисмени да ја обезбедат нејзината економија или доволно млади семејства да ја обезбедат нејзината иднина. Русија е преполна со ресурси, но фатално ѝ недостигаат Руси! И другиот дел од Европа е во зона на тревога. До 2050 година популацијата во Италија ќе опадне за 22 проценти, на Бугарија за 36 проценти, на Естонија за 52 проценти… Всушност, седумнаесет европски земји во моментов имаат стапка на фертилитет на историски ’најниско ниво’ досега – 1,3 раѓање по жена! Теориски на сите овие земји популацијата ќе им се преполовува на секои триесет и шест години. Според тоа, лесно е да се предвиди кога некои од европските нации сосема ќе исчезнат од лицето на земјата. Сега продавниците за плочи и други носачи за звук во Виена, на пример, се преполни со валцери и оперети, а одделот за хипхоп е само едно ќоше негде во подрумот. Само за десетина години состојбата ќе биде обратна“, пишува Стејн.

Во своето истражување за етничките и религиозни преместувања и поместувања во светот, особено со започната радикална промена на етничкиот состав и религиозна доминација во Европа, Стејн го поставува и прашањето за „големата преселба“ кон Европа, која воопшто не е обична бегалска криза туку стратегија: „До 2020 година огромниот процент деца под 15 години од исламските земји од Третиот свет ќе станат возрасни луѓе и ќе тргнат кон Европа. Исламот и сега е главниот доставувач на нови Европејци. Притоа Шкотланѓанец, на пример, може да се ожени за Гркинка или за жена од Боцвана, но кога сака да се ожени за Јеменка тој треба претходно да премине во ислам. Со упадот на масовни имигрантски структури, земјата-домаќин порано или подоцна завршува во исламизација и асимилација: француските градски базени воведоа родово поделени смени за капење; австралиските болници го отстранија свинското месо од менијата на кафетериите… Појдете во која било продавница за деца во Амстердам, Марсеј, Виена или Стокхолм, погледнете ги жените со шамии на главата, или целосно покриени, и ќе ви стане јасно – тоа е иднината на Европа! Во јуни 2006 година педесет и четиригодишниот фламански кондуктер во воз, Гвидо Демур, влегол во автобус со број 23 во Антверпен за да оди на работа. Шестмина ’младинци’ се качиле во автобусот и започнале со вознемирување на другите патници.

Во автобусот имало четириесетина патници… Господин Демур ги замолил момците да престанат со малтретирањето на патниците, а тие веднаш се свртиле кон него удирајќи го со боксови и со клоци. Се разбира, никој од преостанатите четириесет патници не се обидел да му помогне. Наместо тоа на следната станица триесет од четириесетте патници набрзина се симнале оставајќи го господин Демур претепан до смрт. Тројца од ’младинците’ биле уапсени и се покажало – какво изненадување! – дека се Мароканци. Водачот на групата побегнал, а од четириесетте патници само четворица се согласиле да зборуваат со истражителите: ‘Гледате што се случува кога реагирате’ – изјавил колега железнички работник за белгискиот дневен весник ’Де Морген“. – ’Ако Гвидо не прозборел, сега ќе беше жив’. Како се случи денешнава демографска катастрофа? Како најбогатата цивилизација во историјата на човештвото, моторот на глобалниот прогрес, избра самоуништување за сметка на технолошки најсиромашната и најназадната култура на модерниот свет? Во глобализирачки услови исламот е унитарна идеологија со повеќекратни цели. Земете за пример еден од оние познати ‘умерени муслимани‘, имамот Заид Шакир, предмет на ласкав профил во ’Њујорк тајмс’ под наслов ‘Американски муслимански свештеник бара модерен компромис‘. Што значи ‘модерен компромис‘? Според имамот Шакир, кој пораснал како Рики Мичел во Џорџија, ‘секој муслиман што е чесен ќе рече – јас би сакал да ја видам Америка како станува муслиманска земја. Мислам дека тоа ќе им помогне на луѓето! Ако не верував во тоа, немаше да бидам муслиман!‘ Само не е тоа исто како што мислат христијаните кога зборуваат за Америка како за христијанска земја. Муслиманите под поимот ’муслиманска земја‘ не мислат на земја во која има мнозинско муслиманско население туку земја во која државните институции се муслимански…’ А за да се стигне до тоа потребна е популација што ќе стане повеќебројна од домаќините. И таа веќе станува повеќебројна таму каде што е предвидено од исламистичките центри во светот“, вели Стејн.

Муслиманите во Европа се погневни отколку оние во Арабија!

„Во секој случај, до 2050 година Европа ќе има околу 100 милиони помалку Европејци. Во кампањата од 2005 година во Германија на гласачите им беше понуден избор меѓу две опции, кои ја илустрираат состојбата во Европа: маж без деца (Шредер) против жена без деца (Меркел)! Демографски за нив Турците се децата што Германците не сакале да се мачат да ги имаат. Во истата таа 2005 година, како одговор на исламистичкиот тероризам во Британија и на други места, излезе информација дека Германија размислува да воведе муслимански празник за државен празник. Според некои, со тоа наводно ‘Германија ќе биде поштедена од гневот на фанатичните исламисти‘. Сепак, тоа се само очајни обиди за спас од главната болест. Имено, најтешкото прашање со кое се соочува Европската Унија – од стапките на имиграција до тешките пензиски обврски – е големиот недостиг од бебиња. Во декември 2002 година ме замолија да учествувам на симпозиум за Европа и започнав со ставот дека ‘мене ми е полесно да бидам оптимист за иднината на Ирак и Пакистан отколку, да речеме, на Холандија и Данска‘. Всушност мислев на она што беше јасно како ден: како може слободата да го спаси муслиманскиот свет кога муслиманите ја загрозуваат слободата на Европа? Муслиманите што ги сретнав во Европа беа речиси до еден поотуѓени и погневни отколку оние во Арабија. Хамбуршката ќелија беше таа што го организираше 11 септември, бомбашот-чевел беше британски државјанин, дипломец на Лондонската школа за економија беше оној што го егзекутира Даниел Перл… Сега веќе имаме скандинавски општества чии градови станаа 40 проценти муслимански за само една генерација.

Џихадистите сфаќаат дека Европа им е на дофат како што сфаќаат дека Америка не им е. И како што расте нивната бројност, се чини веројатно дека итрите исламски водачи на Блискиот Исток ќе ги стават во фокусот правата на европските муслимани на истиот начин како што покажуваат солидарност со Палестинците. Кога Франција почна да размислува за забраната на шамиите во училиштата таа ги насочи владините министри да бараат совет од египетските имами, имплицитно прифаќајќи го ставот на исламските стручњаци дека Франција сега е покраинска провинција на Дар ал Ислам. Всушност, Европа е конструирана со покривот надолу така што владетелите уште долго време ќе пропаѓаат удолу пред масите да почнат да ги влечат назад. Кога Ајан Хирси Али, холандска парламентарка родена во Сомалија, проговори против малтретирањето на муслиманските жени, нешто што таа го знае од прва рака, веднаш се најде под смртни закани. Нејзините соседи, правниот систем и холандската влада реагираа на ова на начин што ја одведе пред суд, ја истераа од нејзиниот дом и најавија преразгледување на нејзиното државјанство. Бескрајно толерантната Европа, на која ѝ е тешко да ги протера отворено заканувачките имами, кои подбуцнуваат на џихад, конечно си најде една муслиманка што со задоволство би ја протерале“, пишува меѓу другото Марк Стејн во својата студија, која беше објавени и на македонски јазик во Скопје.

Според Стејн, приходите од нафта од Саудиска Арамија и другите исламски земји од Блискиот Исток не само што ги поткупуваат поданиците во нивните земји туку ги поткупуваат и поданиците на другите земји низ светот. Американците го плаќаат јажето на кое ќе бидат обесени. Во врска со Европа и исламизмот, пак, Стејн смета дека социјалната и фискалната политика сега се прашање на национален опстанок: „Материјализмот и самозадоволството се причината зошто Европејците се имаат откажано од иднината. Сега е веќе можеби доцна да се стори нешто со наталитетот па увозот на население се гледа како единствена можност за зачувување на материјалната благосостојба. Во меѓувреме секоја година сѐ поголем е делот од светот што живее под исламските закони: Пакистан го прифати исламскиот закон во 1977 година, Иран во 1979 година, Судан во 1984 година. Во шеесеттите години на минатиот век Нигерија живееше под англиско општо право. Сега половина од неа е во канџите на шеријатот, а втората половина го чувствува притисокот да се приклони кон тој закон. Денес има повеќе муслимански нации со законите на шеријатот, но и повеќе радикализирани муслимани во рамките на немуслиманските нации и многу повеќе влијателни муслимански транснационални институции. Дали овие муслимани ќе живеат по законите на Сингапур, Данска или Нов Зеланд, или според законите на исламот? Или, дали нивниот примарен идентитет е новиот светски исламски идентитет“, пишува Марк Стејн во својата студија за крајот на светот каков што ние го знаеме, додавајќи дека мултикултурализмот ја прави нацијата само нација на хартија, а во отсуство на културна идентификација, демографијата ќе ја одреди иднината. Во срцето на мултикултурализмот лежи лагата дека сите култури се еднакво „валидни“.

Мултикултурализмот е всушност идеологија базирана врз негирање на вистината. Пропаста на овој концепт ќе направи големи јазови во општествата каде што глобализацијата се обиде да го уништи идентитетот на малите народи: „Да се одбегне новиот среден век ќе биде тешко и ќе бара многу. Алтернативата ќе биде многу полоша“, завршува Марк Стејн, еден од најпознатите колумнисти во светот, автор на книгата за новото лице на Европа и светот соочени со крупни цивилизациски предизвици и големи имигрантски придвижувања на населението од исламските земји кон Европа, Америка и Канада. Додека се случува ова во светот, во Македонија и понатаму се во оптек одредени мислења за изградба на населби за емигрантите на наша територија, односно да ѝ се помогне на Европа да се „спаси“ од целосна исламизација барем до 2025 година!?