Д-р Наде Петановска и психологот м-р Марија Стојкоска Василевска од првата приватна општа болница „Ре-Медика“, заедно со нутриционистот Тања Турунџиева, одржаа предавање за женското здравје во просториите на „Олимпиа моторс“. Пред присутните гости, д-р Петановска истакна дека превенција од рак на дојка постои во смисол на редовни прегледи кои е многу важно да се прават.

– Сите знаеме дека карциномот е множење на малигни клетки кои прават тумор во дојката. Се развива кај женската популација, но и 1 отсто кај мажите. Тој е прв по зачестеност. Секоја година имаме сѐ поголем број заболени, но во исто време и сѐ поголем број на излечени жени. Раното откривање е најдобрата заштита. Превенција постои во смисол на редовни прегледи. Многу е важно да размислуваме за своето здравје – рече д-р Петановска.

Основна метода за преглед додаде таа, е мамографијата. Овде се и ехо прегледот, магнетната резонанца и биопсиите.

– Сите жени после дваесеттата година треба да прават ехо прегледи. Постои ризик кај одредени жени, има неколку ризични групи – жени кои имаат генетски предиспозиции односно жени кои имаат во прво колено болни од карцином на дојка, жени кои се подолго изложени на естрогените, односно кои добиле менструација на возраст под 12 години, или пак, биле на хормонска терапија. Многу е важно да одберете каде ќе ги правите прегледите. Нив ги прави специјалист радиолог – потенцира докторката.

Во врска со стравот од болест, психологот Марија Стојковска-Василевска појасни дека всушност стравот е основна човечка и здрава емоција.

– Функционалниот страв е „немој да фаќаш жешко, ќе се изгориш“, односно тој страв не штити да не ризикуваме. Нефункционалниот страв е во делот кога за нешто имаме катастрофични очекувања. Не сме присутни во моментот што се случува, да препознаеме кој страв нѐ штити, а кој работи против нас. Се јавуваат и хипохондрични моменти – пречесто правиме прегледи, а таа претерана грижа ни прави стравови – вели психологот.

Природно е секој човек да искусува трауми во животот, а траумата е многу истражувана, додава таа.

– Првата фаза е првичниот момент на шок, кога човекот не може да ја прифати информацијата. Потоа следи фаза на негирање – негира дека нештото се случило и тоа е природна фаза. Лутина е следна фаза – се чувствуваме обесправени, велиме дека животот не е фер. Следуваат фазите на безнадежност, човекот болен од карцином заборава сѐ што е и единствено се идентификува со пациент болен од рак. Следната фаза е фаза на прифаќање, човекот е спремен да влезе во битка – појасни Стојкоска-Василевска.

Нутриционистката Тања Турунџиева пак, пред присутните истакна дека едукацијата во однос на исхраната е многу важна и кога човек е здрав и кога е болен.

– Се соочувам со пациенти кои имаат најразлични карциноми, имаме експанзија на оваа болест и тоа за жал, доцна дијагностицирани. Девизата е дека секој ден треба да се живее како последен, а составен дел во тоа секојдневие е секако храната која може да е и лек и уништувач. За жал, има експанзија на индустриската храна, храна со емулгатори, адитиви која го намалува нашиот имунолошки систем. Сѐ читаме на „д-р гугл“ и мислиме дека не треба да консултираме стручни лица кога станува збор за храната. Мојата порака е да не импровизираме со храната. Здравјето се чува секој ден, а не кога ќе се појави болест. На нашиот организам му е потребно сѐ она што го има на нашето поднебје – рече Турунџиева.

Олга Јованова маркетинг менаџер во „Олимпиа моторс“ им се заблагодари на присутните гости кои дојдоа да се информираат и да научат повеќе околу женското здравје.

– Целата наша мисија се темели на градење на пријателства со нашите клиенти. Таков е нашиот однос отворен кон сите наши соработници. Годинава славиме 15 години, а нашата компанија работи долго време на општествена и социјална одговорност. „Олимпиа моторс“ е овластен сервис, а аутлетот на возила успешно работи веќе две години – рече Јованова.

А.П.