Веста дека Охрид не е ставен на Листата на загрозени светски наследства е добредојдена, вели постојаниот координатор на Обединетите нации во Македонија, Росана Дуџак.

Според неа ваквата вест носи три важни пораки: прво, одлуката на Комитетот за светско наследство да не го стави Охрид на листата не ја намалува итноста да се делува и покрај дополнителните две години што се дадени за да се избегне таа судбина.

– Со децении, Охрид е оптоварен со несоодветно и често нелегално градење, со слаб менаџмент на рибниот фонд и недостаток на заштитни механизми за животот под вода. Долго време гледавме апатија кон природните и културните богатства. Проблемите со кои се соочува Охрид сега бараат сеопфатен пристап не само во надминувањето на акумулираната штета, туку и за сето понатамошно планирање и менаџирање на областа. Времето да се делува е сега – вели таа.

Втората порака е дека двегодишното одложување е неверојатна можност за значително зголемени напори кон корективни мерки и подобро менаџирање со местото.

Сега, вели Дуџак, сите напори мора да се удвојат за да се вратат вредностите за кои Охрид е поставен на листата на меѓународни природни и културни богатства.

– За тоа е потребно координирано делување и блиска соработка меѓу сите засегнати страни, вклучително и локалната и централната власт, граѓанскиот сектор, граѓаните на Охрид и Струга, туристите и меѓународната заедница. Во таа смисла, ги поздравуваме неодамнешните напори на Владата и на општините Охрид и Струга. Ги поздравуваме и посветените напори на граѓанските организации на оваа тема. Подготвени сме да ја обезбедиме поддршката потребна за Охрид да не заврши на Листата на загрозени светски наследства – вели таа.

Конечно, додава Дуџак, одлуката покажува дека мора заедно да го заштитиме природното и културното богаствто на Охрид.

– Мора да делуваме заедно зашто Охрид ни припаѓа на сите нас, на луѓето што живеат на неговото крајбрежје, преку институциите и оштините што го менаџираат неверојатното културно и природно богатство, до сите нас, до граѓаните на Северна Македонија и до граѓаните на светот. Охрид е богатство за целиот свет и наша заедничка обврска е да го заштитиме и зачуваме, за нас и за сите идни генерации – вели постојаниот координатор на Обединетите нации во Македонија, Росана Дуџак.