Имаме 24 универзитети, имаме над 130 факултети и над 600 студиски програми. Самиот тој факт прави високото образование да биде неквалитетно

Промовирана книгата „Состојби и потреби за квалитет на високото образование во Македонија“

Ѓорѓи Илиевски, долгогодишен инспектор за високо образование во Државниот просветен инспекторат, вчера на Филозофскиот факултет ја промовира својата книга „Состојби и потреби за квалитет на високото образование во Македонија“. Ова е второ продолжение од книгата на Илиевски, кој ги анализира проблемите во високото образование.

– Првиот дел беше објавен во 2015 година, во периодот кога требаше по втора година да има државен испит, а таму е анализиран и Законот за високо образование, кој претрпе над 20 измени и дополнувања. Ова е продолжение на таа книга, со сите предности, слабости и нелогичности во нашето образование, како на пример неговото финансирање. Во продолжението пишувам за новиот Закон за високо образование, кој не само што не е развоен туку е и полош од претходниот закон, не кореспондира со европските закони. Зборувам за студентите како партнери, а нив ги нема во новиот закон. Тие треба да се креатори на наставата, да даваат оцена за самите наставници – изјави Илиевски.

Во еден дел од книгата тој се осврнува и на средното стручно образование, односно за потребата од дуално образование.

– Постои потреба од дуално образование, а ние немаме учебници. Во 21 век на учениците им се диктира, што не е во согласност со европските стандарди и критериуми – додаде тој.

И „Нова Македонија“ низ серија написи укажа на проблемот со недостиг од учебници во средните стручни училишта. По написите, во Министерството за образование и наука најавија измени на Законот за учебници, со што ќе се вратат авторските права на издавачките куќи, кои ќе го преземат процесот на изработка на учебници, како што беше во минатото.

Илиевски на промоцијата истакна дека во Македонија има премногу универзитети, факт што, според него, не води кон квалитет.

– Имаме 24 универзитети, имаме над 130 факултети и над 600 студиски програми. Самиот тој факт прави високото образование да биде неквалитетно. За жал, нас нѐ нема ни на Шангајската листа на светско ниво, ни во првите 1.000 најдобри универзитети, нѐ нема ни во регистарот на висококвалитетни образованија во Европа. Во мојата книга предлагам посебен буџет за финансирање на високото образование и за наука, а особено за предучилишно основно и средно, по примерот на Словенија. Кај нас занемарена е и науката, за наука се издвојува само 0,22 отсто од БДП, што е ништо – вели Илиевски.