Оваа година Државниот архив одбележува 70 години постоење откако во 1951 година Народното собрание на НР Македонија го усвоило Законот за државните архиви со кој било поставено создавањето на тогашниот Државен архив на НР Македонија.

Од Државниот архив велат дека оваа институција се развила во еден од столбовите на македонската државност и ризница на колективната меморија.

– Денес Државниот архив се стреми да биде современа институција која го промовира културно-историското наследство на државата во меѓународни рамки, истовремено настојува да го фати чекорот на глобалната модернизација во функционирањето на светските архиви – се наведува во соопштението.

Свечената академија по повод годишнината од основањето, ќе се одржи на 1 април годинава во 12 часот, во НУ „Музеј на македонската борба“.

На настанот свое обраќање ќе имаат покровителот на јубилејот, премиерот Зоран Заев, како и директорот на Државниот архив, Емил Крстески, а присутните ќе може да се запознаат со изложба и со три нови изданија, кои треба да го прикажат историјатот на Архивот и документарното богатство што го поседува.