Фото: Маја Јаневска-Илиева/ илустрација

За државна матура годинава се пријавиле 15.294 матуранти, од кои 7.050 од гимназиско образование, 7.983 од средно стручно образование и 261 од средно уметничко образование.

Во согласност со концепцијата за матура, учениците екстерно полагаат 2 предмета, 2 интерно и проектна задача. Задолжителен за сите е мајчиниот јазик.

На 5 јуни ќе се полага задолжителниот предмет. Македонски јазик и литература ќе полагаат 10.848 кандидати, албански јазик и литература 4.078, а 272 турски јазик и литература.

На 11 јуни ќе се полага англиски јазик, германски јазик, француски јазик, руски јазик, математика, естетика и филозофија. Англиски јазик пријавени се да полагаат 13.452 матуранти, германски јазик 140, француски јазик 32, руски јазик 18, математика 1.529, филозофија 14 и естетика 66 матурани.

На македонски наставен јазик пријавени се да полагаат вкупно 10.886 матурани, на албански наставен јазик 4.134 и на турски наставен јазик 274.

Дополнителните термините за полагање на матурантите што на денот кога се реализираат екстерните испити од државната матура се болни од Ковид-19 или се во самоизолација се:

25 јуни – македонски јазик и литература, албански јазик и литература и турски јазик и литература;

28 јуни – математика, англиски јазик, француски јазик, германски јазик, руски јазик, филозофија, естетика.

Испитниот материјал истиот ден кога се реализира испитот се носи во училиштата и се враќа во ДИЦ.

Почетокот на испитите е во 10 часот.

Сите испити ќе се реализираат во согласност со протокол за постапување на средните училишта при реализација на испитите од државната матура за учебната 2020/2021 година.

Во процесот на реализација на матурата во училиштата се ангажирани и околу 2.000 наставници како тестатори и околу 300 набљудувачи.

Резултатите ќе бидат објавени во рок од 30 дена од последниот екстерен испит.