Фото: Игор Бансколиев

Бројките со уништувањето на дрвната маса се поразителни, исто како и фактот дека 40-50 отсто од случаите за украдено дрво се неоткриени, велат од ЈП „Национални шуми“

Повеќе од половината случаи со кражби на дрво низ шумите во Македонија остануваат неоткриени што, во голема мера, го поттикнува натамошното масовно пустошење на шумскиот фонд. Дополнителен проблем е што покрај дрвокрадците, некогаш во дивата сеча се инволвирани и шумарите, кои наместо да ја спречуваат ваквата појава помагаат во пустошењето. На пример, последен таков случај беше регистриран во Кичево, каде што полицијата на почетокот на месецот поднесе кривична пријава против шумар од Кичевско поради несовесно работење, а непосредно пред тоа сличен случај имаше и во Кумановско. Од друга страна, чести се и случаите кога дрвокрадците крајно агресивно настапуваат при блиските средби со шумските полицајци.

– Бројките со уништувањето на дрвната маса се поразителни. Околу 40 до 50 отсто од случаите со украдено дрво се неоткриени. Има околу 200 шумари, а тие обично реагираат по дојава од локалното население – велат од ЈП „Национални шуми“.
Освен тоа, податоците на ова претпријатие покажуваат дека во првите шест месеци од оваа година биле евидентирани дури 264 шумски пожари. Вкупно опожарена површина во периодот од јануари до јуни 2019 година е 9.109,66 хектари, а опожарена дрвна маса е 38.621,70 кубни метри при што е причинета штета од 449.911.681 денар. Вкупните трошоци за гаснење на пожарите во периодот од јануари до јуни 2019 година изнесуваат 4.816.122 денари.

– Уште од летоска фрчат автомобили без регистарски таблички низ населените места во околината на Скопје и продаваат огревно дрво на диво. Ниту добиваш некаков документ, ниту, пак, има печат на дрвото, а луѓето купуваат бидејќи им се нуди поевтино. Не е за чудење ниту тоа што цела пролет и лето се палат шумите. Додека на едно место се гаснат огнови, на друго место се сечат дрвја – објаснува еден добро упатен жител на скопско Сопиште.

Тој додава дека доцна во ноќта низ шумските патишта на Китка и Караџица постојано можат да се забележат автомобилски светла.

– Кој нормален човек по полноќ би талкал со автомобил без таблички по планински патчиња само заради рекреација? Се знае зошто се оди, се слушаат моторни пили, се сече на големо, но имам впечаток дека постојат некои црни зони во државата каде што ниту една од овластените служби нема пристап – нагласува истиот извор.

Потврда за ваквите изјави се и извештаите на шумочуварската служба во периодот јануари – септември 2019 година, во кои убедливо најмногу дива сеча е регистрирана на подрачјето на Караџица.

– Според извештаите за работата на шумочуварската служба во периодот јануари – септември 2019 година, бесправно исечената дрвна маса изнесува 19.609 кубни метри. За овие дела, во периодот јануари – септември 2019 година, се поднесени вкупно 478 пријави против сторителите, од кои 394 прекршочни и 84 кривични пријави – информираат од ЈП „Национални шуми“.

Крадењето дрва и палењето на шумите се главниот проблем што влијае за ретчење на шумскиот фонд во Македонија, но и во глобални рамки, поради што земјите-членки на ЕУ неодамна упатија апел до Европската комисија да предложи конкретни мерки за борба против уништувањето на шумите, како дел од новиот европски Зелен пакт.