Фото: Игор Бансколиев

Негрижата и климатските промени земаат данок

Од Управата за хидрометеоролошки работи наведуваат дека државата генерално слабо стои со вода, а недостигот од снег во текот на зимата и од врнежи во пролет и наесен придонесуваат за намалување на водните ресурси.
Според едно истражување, достапноста на водата во Македонија може да се намали за 18 проценти до 2100 година. До крајот на векот се очекува и Вардар да се намали за 20 проценти, а и нивото на подземните води во сливот на реката. Сливот на Брегалница ќе претрпи најголеми промени и се проценува дека ќе загуби четвртина од водата до 2100 година

Климатските промени ќе доведат до намалување на ресурсите на пивка вода во Македонија, а последните години тоа станува позабележително со намалувањето на штедроста на изворите, како и на нивоата на реките и езерата.
Македонија генерално спаѓа во подрачјата со задоволителни водни ресурси, но поради неодговорниот однос на луѓето постои реална опасност од намалување на водните богатства, кои во годините што следуваат можеби нема да бидат доволни за задоволување на потребите на населението.

Според едно истражување, достапноста на водата во Македонија може да се намали за 18 проценти до 2100 година, а недостигот од вода ќе биде најизразен во источните делови од земјата. До крајот на векот се очекува и Вардар да се намали за 20 проценти, а и нивото на подземните води во сливот на реката. Сливот на Брегалница ќе претрпи најголеми промени и се проценува дека ќе загуби четвртина од водата до 2100 година.

Во годишниот извештај на ЈП „Водовод и канализација – Скопје“ е наведен фрапантен податок дека во 2018 година дури една третина од водата во Скопје или 34.158.252 кубни метри вода влегла во цевките и се изгубила некаде низ водоводниот систем. Во извештајот се истакнува и дека прифатлива загуба во еден водоводен систем е до 20 проценти и дека сè што е над тоа е премногу.

Ако се спореди изгубената вода со количеството вода што ја собира еден стандарден олимписки базен (2.500 метри кубни вода), излегува дека Скопје само во 2018 година од својот водовод изгубило 13.665 олимписки базени пивка вода, што е загрижувачки ако се има предвид дека многу земји воопшто немаат пивка вода и се принудени да ја купуваат.

Кај нас дури и основното човеково право за пристап до пивка вода се политизира, за што сведочат и последните настани за изградбата на водовод меѓу шарпланинските села Синичане и Урвич, а пред некоја година слична судбина имаа и населените места во Општина Сопиште, кои не можат да добијат пивка вода поради повеќегодишното одбивање на населението од Патишка Река да овозможи пристап до изворите од масивот на Јакупица.

А токму под овој масив, според изјавите на луѓето што го истражувале, се наоѓаат огромни резерви пивка вода од каде што со вода се снабдуваат дел од реките во централниот дел на земјата, но дека и таму поради влијанието на човечкиот фактор може да бидат загрозени водните богатства.
– Во долните слоеви се акумулираат огромни базени со вода, кои се огромни резерви на пивка вода. Но ние правиме напори овие работи да се документираат и детално да се истражат и да се стават под заштита, затоа што има голема опасност со градежната експанзија да дојде до загадување на овие подземни води – велат спелеолозите што ги истражуваат пештерските системи под Јакупица.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Од Управата за хидрометеоролошки работи наведуваат дека државата генерално слабо стои со вода, а недостигот од снег во текот на зимата и од врнежи во пролет и наесен придонесуваат за намалување на водните ресурси.
– Генерално слаби сме со вода, резервите се намалуваат. Немавме добра зима во која би паднал снег на планините некаде со дебелина од еден, два или три метра, што на некој начин би претставувало безброј вештачки акумулации на планините, така што кога немаме снежна покривка, очекуваме сушно лето – вели Васко Стојов, раководител на Одделението за хидрологија на површинските води при Управата за хидрометеоролошки работи.

Според него, ако не се случат врнежи во август, кој обично е сушен месец, ќе дојде до дополнително намалување на резервите на вода.
– Имаше врнежи во април, но не и во мај и јуни, а ако нема врнежливи денови во август, кој обично е сув месец, очекувам намалување на резервите на вода – додава Стојов.

Она на што надлежните повикуваат во насока на заштита и заштеда на водните ресурси е токму рационалното користење на водата.
– Низ годините, особено во последно време светот па и ние се соочуваме со последиците од климатските промени. Наша должност е да бидеме одговорни и да се однесуваме совесно. Наша должност е да ја видиме поголемата слика и да почнеме да ги менуваме старите секојдневни навики за да обезбедиме подобри услови за утре, за следниот месец и за годините што се пред нас – вели Душко Весковски, генерален директор на ЈП „Водовод и канализација – Скопје“.

Сепак, дел од граѓаните и еколозите реагираат на немањето државна стратегија како да се менаџира водното богатство и како да им се овозможи пивка вода на сите.
– Никаде во светот не се користи истовремено водата за пиење и за наводнување, и за миење автомобили, и за прскање тревници како што е случајот кај нас. Колку пати ќе забележам по улиците отворен хидрант од кој водата слободно се слева со часови. Тоа се огромни количества вода, кои се губат неповратно – вели Атанас Костадиновски, еколошки активист.

Според него, државата треба да ги мапира сите водни ресурси со кои располага и да направи програма за нивна заштита.
– Сведоци сме дека се гради во заштитени изворишни подрачја, се нарушуваат подземните водни текови, со што постои сериозна опасност од загадување на водите. Тука државата треба да интервенира и преку разни проекти да овозможи заштита на водите, но и изградба на водоводи за местата каде што нема пивка вода, за да се избегнат полициски интервенции и тепачки околу тоа чија е водата. Сите имаат право на вода за пиење, а само преку издржани проекти со водата ќе може рационално да се менаџира. На крајот би ја додал и свеста на луѓето, која мора да се издигне на многу повисоко ниво од сегашното за важноста на водата и за потребата од крајно рационално користење – смета Костадиновски.

Климатските промени колку и да изгледаат далечни, сепак почнуваат сè посилно да се чувствуваат преку сè помалата штедрост на изворите, кои од година во година еден по еден почнуваат да исчезнуваат. А без вода, полека ќе замира и животот што ќе придонесе за нови миграции на просторите каде што овој природен ресурс сè уште ќе го има. Уште колку долго, тоа тешко ќе се утврди.