Владата ја разгледа и усвои стратегија за јакнење на капацитетите за водење финансиски истраги и конфискација на имот за периодот 2021 – 2023 година, со акциски план, која истовремено е и дел од мерките од планот за борба против корупцијата.

– Основна заложба е наведената стратегија да придонесе за зајакнување на капацитетите на националните институции, како и на нивната координација во следењето на протокот на пари, како и откривање можно прикривање и пренесување нелегално стекнат имот. Како дел од активностите утврдени во „планот за борба против корупцијата се очекува нејзината имплементација да придонесе кривичните истраги да резултираат со конфискација на имот и имотна корист, со што ќе се зајакне ефикасноста во борбата против организираниот криминал и корупцијата – соопштија од владината прес-служба.

Заменикот на претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, на денешната седница, во рамките на точката – информација за степенот на реализација на мерките од планот за борба против корупцијата, информира дека до крајот на август сите измени и дополнувања на потребните закони за дигитализација на процесите ќе бидат подготвени и доставени до Собранието.

Формираната работна група составена од сите надлежни институции веќе работи на подготовка на измените и дополнувањата на потребите закони за дигиталната трансформација.