Досието за Македонија, кое веќе предолго време го шетаат низ бирократските лавиринти, собирајќи притоа нови услови, директиви, регулативи, според едни може, а според други нема никаква шанса, да биде отворено во услови кога приоритет му се дава на внатрешното реформирање во Унијата

Каков ќе биде односот на новото раководство на Европската Унија во Брисел кон Македонија и што може да очекува земјава во блиска иднина во однос на нејзиниот евтроинтегративен пат, по последното одложување на датумот за почнување преговори за членство во Унијата, се прашањата на кои познавачите на состојбите во земјава одговараат со поделени мислења.
Едни сметаат дека нема да се сменат досегашните политики на ЕУ, ЕК и на Советот на Европа кон земјава, односно дека ќе се задржат отворените врати за аспирантите како што е Македонија, без оглед на внатрешните превирања во Унијата и најавите за нејзината нејасна европерспектива. Други, пак, мислат дека новите европски челници, слично како и оние во заминување, досието за Македонија ќе го остават да шета низ бирократските лавиринти, собирајќи притоа нови услови, директиви, регулативи…

Професорката од Правниот факултет од Институтот за политички науки, Ана Чупевска, коментирајќи ги последниот развој во ЕУ и несогласувањата помеѓу членките во Унијата за изборот на новите челници во Брисел, истакнува дека земјава може да очекува поддршка на својот евроинтегративен пат и во иднина, особено бидејќи француските политичари, кои се главно резервирани кон проширувањето, ќе го раководат делот за финансиите во Унијата, што не ја засега оваа сфера. Таа во исто време додава дека земјава додека не се оформи новото кормило во Брисел итно мора да ги спроведе сите предвидени реформи.

– Ми се чини дека генералниот став на Европската комисија нема да се смени значително од сегашниот, а во таа смисла она што очекувам е зголемен притисок од нивна страна во поглед на реализирање на реформските приоритети. Датумот, секако, би имал сличен ефект. Имено, ќе се отвори најпрво 23-то поглавје, за кое знаеме дека е основа за сѐ понатаму – објаснува професорката Чупевска.

Од друга страна, поранешниот дипломат Ристо Никовски смета дека новата поставеност на највисоки функции во Унијата може и да не биде во корист на Македонија. Тоа е така бидејќи, според него, настојувањето на францускиот претседател Емануел Макрон прво да се спроведат реформи во Унијата па потоа да има проширување, по сѐ изгледа, ќе се реализира.

– Факт е дека старата европска администрација имаше обврски кон Македонија што не ги криеше. Тие директно учествуваа во прекрстувањето на земјата и разнебитувањето на народот и затоа чувствуваа сопствена одговорност. За жал, тие не успеаја, иако се залагаа, Македонија да добие датум за преговори. Без оглед на политичката ориентација на новите луѓе, тие немаат никакви обврски кон Македонија.

Преспанскиот договор за нив е завршена работа. Од друга страна, го имаме ставот на Франција, кој е недискутабилен, што значи процесот на нашиот прием во ЕУ се одложува на неопределено време. Да не забораваме дека и да добиеме датум, тоа не значи апсолутно ништо, зашто преговорите може да траат долго – објаснува Никовски.

[email protected]