Под покровителство на сопругата на претседателот Стево Пендаровски

Сопругата на претседателот на Пендаровски, Елизабета Ѓоргиевска, заедно со генералниот секретар на Црвениот крст, Саит Саити, денеска присуствуваше на настан на којшто беа донирани инкубатори за предвремено родени и болни бебиња сместени на Одделот за неонатологија, педијатрија и цистична фиброза на Универзитетската клиника за детски болести во Скопје.

Првата дама истакна дека денешниот настан е свечен крај на една донаторска акција којашто е започната непосредно пред почетокот на пандемијата и се работи за набавка на високо софистицирана опрема, која ќе биде поставена во одделението за неонатологија кадешто се грижат за најмладите бебиња.

– Верувајте дека грижата за предвремено родените за болните бебиња треба да претставува исклучително важен приоритет и во таа смисла беше и желбата да се набави оваа опрема и на таков начин да се спасат што е можно поголем број животи. Во последните две години во Македонија се забележува позитивен тренд во смисла на намалување на смртноста кај предвремено родените бебиња и сметам дека и оваа донација ќе помогне во тој правец – рече сопругата на претседателот.

Генералниот секретар на Црвениот крст, Саит Саити, посочи дека со денешната донација за Детската клиника организацијата одбележува голем јубилеј, односно 75 години постоење.

– Денеска сметавме дека треба да бидеме токму тука, одбележувајќи го нашиот јубилеј преку предавање на оваа донација која сметаме дека навистина ќе биде од голема корист и ќе помогне за подобрување на условите на Детската клиника – изјави Саити.

Директорката на Универзитетската клиника за Детски болести, д-р Наташа Алуловска се заблагодари за организирање на кампањата, којашто покажала дека и во услови на криза има општествено одговорни чинители коишто сакаат да помогнат.

Инкубаторите се обезбедени како дел од кампањата за помош на предвремено родени и болни бебиња, спроведена по повод 75 години од постоењето на Црвениот крст на Република Северна Македонија, „75 години каде е потребно“, а под покровителство на г-ѓа Ѓоргиевска. Средствата се собираа преку телефонски повици и со уплати во Фондот за солидарност на Црвениот крст.