Пратениците денеска ги изгласаа дополнетите закони за Оперативно-техничка агенција (ОТА) и за следење на комуникациите. Законите беа донесени со консензус, постигнат по разговорите во работните групи од страна на пратениците од владејачкото мнозинство и опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Овие два закони се дел од пакетот реформски закони.  

Трајчо Димков од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека опозициската партија, на половината од дадените забелешки се прифатени и вградени во текстот на законите, сериозно ќе ја следи нивната имплементација, како и на кадарот што ќе се поставува во ОТА, како и оној што ќе се презема. 

Потпретседателката на Собранието и пратеник од СДСМ Фросина Ташевска Ременски истакна дека во текстот се вградени дел од зебелешките кои произлегле од дебатите кои се организираа за ОТА, на кои присуствуваа и експерти, се допрецизираа одредени дефиниции и надлежности.

– Ова е еден сериозен чекор во давањето гаранции за неповторување на незаконско следење на комуникациите во РМ од една страна, а од друга страна и гаранција дека човековите права и слободи ќе се почитуваат од сите институции – рече Ташевска Ременски.

Дополнително, додаде таа, се зацврстува собраниската контрола и надзор над ОТА и ги проширува сите можности што ги има Собранието преку надзорните комисии да го следи имплементирањето на законот. 

– Првпат во Република Македонија во системот на следење на комуникации имаме најголема законска гаранција за обезбеден надзор и контрола над овластените органи за примена на мерките што дополнително ќе биде предизвик и за Собранието да ги искористи максимално, а со тоа и да покаже дека се залага за законитост во работењето на државните институции, заштита на човековите слободи и права и заштита на приватноста на граѓаните – рече пратеничката.

Во рамки на 41. седница донесени се и измените и дополнувањата на Законот за оружјето, за ловството, за рибарство и аквакултура, донесени се неколку одлуки и заклучоци за автентични толкувања. 

Иако беше најавено дека денеска ќе бидат донесени и дополнетиот закон за судовите, во второ читање, во рамки на 34 седница, како и измените и дополнувањата на законите за јавно обвинителство и за кривична постапка на 35. седница, нивните продолженија ќе бидат дополнително закажани. На дневен ред на 34. седница е и Предлог-одлуката за објавување јавен оглас за избор на членови на Државната изборна комисија, поднесена од Антонио Милошоски. Претседателот на Собранието Талат Џафери објасни дека седниците се одлагаат поради потреба за дополнителни усогласувања за точките на дневен ред на овие седници. 

Претходно денеска Собранието во рамки на продолжението на 22. седница со 86 гласа „за“ ги донесе измените и дополнувањата на Законот за заштита на сведоци, по скратена постапка. 

Невенка Стаменковска, од ВМРО-ДПМНЕ кажа дека работната група која работеше на овие измени кажа дека опозициската партија имала 11 предлози и оти врз основа на нив се направени интервенции во текстот. 

– Свесни сме дека законот не е идеален, но е многу подобар од оној што беше предложен од СДСМ – кажа Стаменковска пред изјаснувањето на пратениците.

Почетокот на седниците доцнеше неколку часа поради активности на претседателот на Собранието и поради дополнителни консултации на пратеничките групи.