Документарниот филм „Травники: училиште за џелати“ беше прикажан денеска во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија, по повод 75 години од ослободувањето на логорот на смртта Аушвиц-Биркенау. Проекцијата беше во организација на Амбасадата на Руската Федерација и на Фондот на холокаустот на Евреите во Македонија.

– Сите добро знаеме за ужасите на војната, за логорите на смртта, меѓутоа, по седум и пол поминати децении, сѐ потешко ни е вистински да осознаеме со што сѐ мораше да се соочи човештвото тогаш. Благодарение на ваквите документарни филмови, се пренесуваме во тие ужасни времиња и можеме да ја почувствуваме целата длабочина, целиот ужас на оваа светска трагедија. И, секако, им се поклонуваме на сите загинати, на сите што ставија крај на ова крвопролевање – истакна амбасадорот на Руската Федерација во Македонија, Сергеј Баздникин, во неговото обраќање обраќање пред проекцијата на филмот.

Документарецот ги раскажува сведоштвата за кампот за обука на германските безбедносни одреди – СС, каде што воените заробеници, воглавно од Русија и од Украина, биле обучувани за да бидат чувари во логорите на смртта во Безчец, Собибор, Треблинка, Мајданек, Аушвиц.

Меѓународниот ден на сеќавање на жртвите на холокаустот се одбележува на 27 јануари, на годишнината од советското ослободување на Аушвиц. В.Т.