Министерката за образование Мила Царовска денеска зборуваше за протоколите за заштите од коронавирусот во училиштата и информираше дека доколку наставникот кој држи настава со физичко присуство се зарази од коронавирусот ќе се ангажира заменски наставник, бидејќи тој ќе треба да замине во домашна изолација.

– Доколку наставникот се зарази од вирусот, но се чувствува добро може да продолжи со онлајн настава. Но доколку не е во можност тогаш се ангажира негова замена. Во никој случај не е дозволено групирање на повеќе од 20 ученици во една иста просторија или како што беше во нормални услови спојување на часови – рече Царовска.

Дали учениците кои биле во контакт со заболениот наставник треба да одат во домашна изолација ќе одлучува епидемилог кој ќе направи анкета со наставникот, учениците и нивните родители.

Царовска и Филипче кажаа дека епидемиолозите ќе го имаат последниот збор дали ќе има потреба цело одделние од 20 ученици што имало контакт со заболениот наставник да оди во изолација.

Доколку пак одреден ученик пројави симптоми на коронавирусот, исто така заминува во домашна изолација, по претходно направена епидемиолошка анкета.

Како што кажаа надлежните, ситуацијата ќе се контролира секојдневно со тоа што ученикот или наставникот што има покачена температура нема да може да влезе во училиштето.