Пофалниците и пригодните награди на најдобрите дипломирани студенти за учебните 2018/2019 и 2019/2020 година, беа доделени денеска пред платото на Ректоратот на УКИМ.

Наградата за најдобрите дипломирани студенти, златник со ликот на светите Кирил и Методиј, за учебната 2018/2019 година ја примија 23 студенти, додека за учебната 2019/2020 година беа наградени вкупно 26 студенти.

Исто така, на десетмина студенти од завршниот семестар, во прв циклус студии, кои покажуваат особени резултати во студиите, со просечен успех остварен во текот на студирањето од најмалку 8,00 од Архитектонскиот, Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, Филозофскиот, Економскиот, Правниот факултет „Јустинијан Први“ и Факултетот за драмски уметности за учебната 2019/2020 година им беше врачена наградата „26 јули“ од Фондацијата „Франк Манинг“ од Велика Британија.

Наградите на студентите им ги врачи ректорот на УКИМ, проф. д-р Никола Јанкуловски, а на чинот на свеченото доделување на наградите, покрај наградените студенти и членовите на нивните потесни семејства, присуствуваа и проректорите на Универзитетот, генералниот секретар, претседателот на Универзитетскиот сенат и деканите на факултетите.