Делегацијата на Европската Унија во партнерство со Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници денеска ја додели наградата „Жан Моне“, и тоа во три категории, за најдобра новинарска сторија, за најдобра професионална фотографија и за најдобра аматерска фотографија.

Новинарките Ивана Смилевска и Емилија Петреска од Радио МОФ ја освоија наградата во категоријата најдобра новинарска сторија во 2020 година за текстот со наслов „Од Вива ла Дива до победа во Стразбург – колку државата е отворена за транс права“ во кој се обработуваат предизвиците со кои се соочуваат трансродовите лица во Македонија.

Наградата, пак, за професионална фотографија ѝ припадна на Арбнора Мемети за фотографија објавена во Мета.мк, додека за наградата за најдобра аматерска фотографија му припадна на Виктор Поповски.

– Професионален и објективен медиумски сектор може да биде огромна сила којашто ќе придвижува промени кон подобро, обезбедувајќи транспарентност и отчетност, но исто така стимулира јавна дебата, креативност и иновативност. Секторот има должност да обезбеди почитување на највисоките професионални стандарди. Владата треба да гарантира постоење на средина каде што можат да напредуваат независни и професионални медиуми. И сите ние сме должни да зборуваме кога слободата на медиумите е оспорена – рече амбасадорот Гир во својот поздравен говор.

Со жири-комисијата која одлучуваше за доделување на наградите претседаваше Марина Тунева од Советот за етика во медиумите во Македонија, а членови беа искусни новинари и фоторепортери, како и претставници на Делегацијата на Европската Унија.

– Ова 18-то издание на наградата Жан Моне уште еднаш ја покажа важноста на новинарството и медиумите за развој на демократијата. Исто така, за тоа е уште позначајна и поддршката на младите новинари и фоторепортери, кои и тоа како покажуваат чувство за вистински теми важни за општеството – рече Дарко Дуридански од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници.

Наградата се состои од статуетки за сите победници изработени специјално за оваа пригода, ваучер за техничка опрема во вредност од 1.000 евра за победниците во категоријата најдобра новинарска сторија и најдобра професионална фотографија, како и ваучер во вредност од 500 евра за победникот во категоријата најдобра аматерска фотографија. Статуетките за наградата годинава ги изработи ликовниот уметник Антонио Пирковски.

Темата на конкурсот за најдобра новинарска сторија и најдобра репортерска фотографија беше „Солидарноста на Европската Унија за време на пандемија – очекувања и можности”, а за аматерска фотографија „Заедницата – тоа сме ние“.