Иако ова ќе биде прва официјална средба меѓу бугарските и македонските владини тимови, на крајот од минатата седмица, се одржа шестиот состанок на мешовитата македонско-бугарска комисија, која ги ревидира учебниците по историја за основно образование во двете земји

Во Софија денеска ќе се одржи првиот состанок на заедничката меѓувладина комисија меѓу Македонија и Бугарија, чии копретседавачи се македонскиот министер за надворешни работи, Никола Димитров, и министерката за надворешни работи на Република Бугарија, Екатерина Захариева. Овој состанок на меѓувладината комисија се одржува во согласност со обврските што произлегуваат од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, потпишан меѓу двете земји во август 2017 година. Од македонското МНР соопштуваат дека во рамките на програмата на меѓувладината комисија, се предвидени билатерални средби на министрите Димитров и Захариева, како и средби на хомолозите од ресорите: економија, одбрана, локална самоуправа, образование и наука, транспорт и врски, на кои ќе се зборува за постигнатиот напредок во соработката во овие области, по потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, а ќе се разговара и за идните активности и проекти.

Иако ова ќе биде прва официјална меѓувладина средба меѓу бугарските и македонските владини тимови, на крајот од минатата седмица, се одржа шестиот состанок на мешовитата македонско-бугарска комисија, која ги ревидира учебниците по историја за основно образование во двете земји. Исто така, и оваа образовно-историска комисија е дел од обврските што произлегуваат од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Македонија и Бугарија. На средбата што се одржа во Скопје, беа разгледувани учебниците по историја за петто одделение во Бугарија и за шесто во Македонија, односно учебниците во кои се обработува средновековниот период. Биле разгледани забелешките, што претходно ги размениле експертите од двете земји, и констатирани се местата околу кои можат да се направат препораки.

– Заклучокот беше дека во наредните два месеца ќе биде разменета првата нацрт-верзија за средновековниот период и се надеваме дека на наредната средба во септември ќе успееме да ги усвоиме препораките и за средниот век – изјави претседателот на македонскиот дел од комисијата, Драги Ѓоргиев.

За праисторијата, антиката и средниот век немало некои поголеми разидувања меѓу двете страни. За антиката бугарската страна имала забелешка, на пример, за тоа дека во македонските учебници е напишано оти апостолот Павле формирал македонска црква, додека македонските забелешки биле дека под терминот бугарски земји се посочува и македонската, која е надвор од рамките на бугарската средновековна држава.
На ова заседание на образовно-историската комисија започнала и расправа за заедничкото чествување на Гоце Делчев, но сепак оваа тема ќе биде предмет на дискусија и на наредната средба на комисијата што ќе се одржи во септември.
Македонско-бугарската експертска комисија за образовно-историски прашања работи веќе една година, а до крајот на годината се планирани уште две или три средби за да се заокружи процесот со учебниците, кои ги опфаќаат периодите на праисторијата, антиката и средниот век. По моделот на оваа комисија, функционира уште една, која ги разгледува учебниците во Македонија и во Грција, а формирана е во согласност со одредбите од Преспанскиот договор, потпишан на 17 јуни, минатата година.

Македонско-грчката експертска комисија подоцна започна со работа и досега има одржано две средби. По секој состанок, комисиите испраќаат препораки до своите влади, а она што е усогласено, според билатералните договори, би требало да биде имплементирано во учебниците во трите земји. По состаноците на македонско-грчката комисија, одредени членови на грчкиот дел од комисијата, најавуваа дека во учебниците во нашата земја ќе бидат имплементирани комисиските заклучоци уште во наредната учебна година, т.е. од септември. Учебната година во Македонија завршува денеска, но од Министерството за образование и наука, нема најава за менување на учебниците по историја.

– Лани коригиравме 22 учебници за основно образование, по предметите математика и природни науки, и тие сега имаат значително унапредена содржина. Имаме изготвено и 31 нов учебник за средно образование и, се надевам, ќе бидат достапни за учениците до или барем на почетокот на новата учебна година. Учебниците по историја се одвоени од овие процеси, затоа што знаете дека се формирани комисии во кои членуваат претставници на нашата и на соседните земји, со намера соочување на фактите и прецизирање на содржината што би требало да ја има во овие учебници. Откако комисиите ќе ги завршат своите задачи, дури потоа ние како министерство ќе пристапиме кон нивна изработка и печатење – изјави во едно интервју министерот за образование, Арбр Адеми.