Заев во разговор со регионалниот директор на СЗО

Премиерот Зоран Заев, заедно со вицепремиерот задолжен за европски прашања Никола Димитров и министерот за здравство Венко Филипче, преку интернет-конференциска врска одржа состанок со регионалниот директор на Светската здравствена организација (СЗО) за Европа, Ханс Клуге и со претставници на СЗО.

Како што информираат од владината прес-служба, на средбата биле истакнати напорите на СЗО, нејзините партнери и нашата земја за динамизирање на постапката за обезбедување на вакцини преку „Ковакс“ програмата, при што бил истакнат аспектот на почитување на основните вредности кои притоа се покажуваат, а тоа е пријателството и солидарноста на европските земји и земјите во регионот на Западен Балкан.

Премиерот Заев информирал за 8.000 дози вакцини кои ќе пристигнат од Србија и кои ќе бидат наменети за сите здравствени и медицински работници, на кои заедно со претставникот на СЗО им упатиле јавна благодарност за покажаната хуманост и пожртвуваност во изминатите месеци додека трае епидемијата.

Во фокусот на разговорот биле и информациите за актуелната состојба во Северна Македонија со заразени од коронавирусот.

– За време на празниците, овде во Северна Македонија беа воведени димензионирани мерки со цел да се заштити здравјето на граѓаните и да се амортизира ударот кон здравствениот систем и поддршката од граѓаните, со целосно почитување на мерките, доведе до тоа сега да имаме стагнација на ширењето на вирусот – рекол Заев додавајќи дека и понатаму остануваат во сила мерките и препораките со цел заштита на населението и здравствениот систем.

Претставникот на СЗО ја истакнал добрата соработка со Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести, притоа упатувајќи поддршка за кооперативноста на Македонија во рамките на Берлинскиот процес, изразувајќи надеж дека ќе продолжи и ќе се динамизира координацијата со земјите од Западниот Балкан и Европската Унија за успешно справување со ковид-кризата.