Весниците – темел на демократската кондиција на едно општество

Многу држави во Европа на најразлични начин го помагаат издавањето на весниците поради тоа што нивното долгогодишно демократско искуство им покажало дека токму печатените медиуми се многу битни за демократската кондиција на едно општество и за различноста и длабочината на информирањето на граѓаните. Има повеќе модели на помош за печатените медиуми, но факт е дека во демократските традиции на западните земји тоа функционира со децении. На пример Австрија, Франција, Белгија, Португалија, Норвешка, Шведска, Словенија, Хрватска и други имаат субвенции за печатените медиуми…

Минатата година Владата издвои помош за издавањето на печатените медиуми во висина од 42,6 милиони денари за 2018 година. Веднаш потоа се јавија и реакции дека Владата на тој начин ќе се обиде да влијае на уредувачките политики на весниците и дека е тоа враќање во времето на етатизмот и контрола на државата над медиумите. Но дали тоа е воопшто блиску до вистината? Дали навистина се тоа средства на Владата или, пак, на граѓаните? Токму граѓаните се тие што имаат насушна потреба да имаат (и самите да финансираат) весници што ќе бидат единствено одговорни пред нив, пред граѓаните, ќе трагаат по вистината и фактите и ќе се грижат за јавниот интерес. Владата, само како трансмитер на овој процес, алоцира средства токму во функција на граѓанскиот интерес и за зголемување на демократската кондиција на општеството. На тој начин ќе се одржат граѓански ориентирани медиуми во чиj фокус се јавниот интерес и одговорноста кон јавноста, а не кон одредена партија, центар на моќ или која било влада. Ова е заклучок и во држави и општества со многу поразвиена демократија од нашата.

Многу држави во Европа на најразличен начин го помагаат издавањето на весниците поради тоа што нивното долгогодишна демократско искуство им покажало дека токму печатените медиуми се многу значајни за демократската кондиција на едно општество и за различноста и длабочината на информирањето на граѓаните. Има повеќе модели на помош за печатените медиуми, но факт е дека во демократските традиции на западните земји тоа функционира со децении. На пример Австрија, Франција, Белгија, Португалија, Норвешка, Шведска, Словенија, Хрватска итн. имаат субвенции за печатените медиуми…
Франција, на пример, за 2017 година издвоила 262 милиони евра за директни субвенции за весниците, што е огромна бројка во однос на сите други земји. Таму средствата за весниците ги доделува одбор што се состои од претставници на печатот и на Владата. Директните субвенции вклучуваат субвенции за печатење, фонд за стратегиска модернизација, поддршка за локалните медиуми, поддршка за дистрибуција (складирање, транспорт, продажни места) и помош за плурализам на медиумите. Исто така постои иновативен фонд основан во 2016 година, преку кој се поддржуваат новите медиуми, инкубацијата, развојот на нови видови медиуми истражување и развој. Вкупните субвенции во Франција (директни и индиректни) за медиумите надминуваат една милијарда евра годишно и се далеку најголеми во ЕУ.

Во Австрија директни субвенции се доделуваат врз основа на апликации за грантови, кои ги разгледува комисијата за комуникации што е задолжена за доделување федерални субвенции. Обезбедени се различни субвенции за дневни и неделни весници за зачувување на различностите во регионалните дневни весници, за обука на нови новинари, за вработување странски дописници, за доставување публикации до училиштата и за спроведување истражувачки проекти. Австрија за печатените медиуми издвоила 8,5 милиони евра.

Во Италија, Фондот за медиумски плурализам и иновации, кој е формиран во 2016 година, во 2018-та имаше на располагање 182 милиони евра, од кои 50 милиони евра беа за издавачи на печатени изданија.
Во Белгија субвенциите за печатените медиуми се под јурисдикција на регионите. Во Валонија, каде што се зборува француски, сите издавачи на дневни весници што ги исполнуваат законските барања имаат пристап до директни субвенции за бројот на вработени новинари, тиражот, приходи од продадени примероци, приходи од реклами. Таа помош може да се користи за покривање на оперативните трошоци за развој и иновации на медиумите и постојат посебни финансиски средства за обука на новинари, како и за субвенционирање на пласирањето на весникот. Во Норвешка исто така има директни субвенции што им се доделуваат на весниците. Најважните субвенција е бесповратна помош за производство, кое се доделува во согласност со тиражот на весникот, неговата позиција на пазарот: секој весник со тираж помалку од 6.000 примероци добива помош од државата. Дополнителна помош им се дава на весниците што на локалните пазари (врз основа на тиражот) се рангирани како втори.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Субвенциите се предвидени за поддршка на весниците на јазиците на млацинствата и за дистрибуција, како и поддршка за истражување, обука, активности. За 2018 година за субвенции беа одвоени 38 милиони евра. Во Шведска директните субвенции беа воведени со Законот на годишните субвенции за медиумите усвоен во 1990 година. За распределба на субвенции е задолжен Советот за субвенции на печат. Медиумот што добива субвенции мора да исполни одредени стандарди.

Помошта за печатот во Португалија е осигурена со Уставот, во кој се наметнува обврската на државата да го поддржи печатот. Постои директна и индиректна државна помош, преку која поддршка од 1,5 милион евра е наменета за локални и регионални печатени медиуми и за локалните радиостаници. Португалските национални весници се исклучени од оваа државна помош. За да може публикацијата да биде прифатлива за помош, мора да вработи одреден број новинари и да продава одреден број примероци. Помеѓу 120 и 150 весници имаат корист од оваа помош.
Во Хрватска, Фондот за поттикнување на плурализмот и разновидноста на електронските медиумите (радио и ТВ-станици, електронски публикации) е основан во 2004 година, за да се поттикнат правото на информации од јавен карактер, развојот на културата, образованието, науката, уметноста, креативноста, во дијалектите на хрватскиот јазик и етничките малцинства.

Во Словенија државата е задолжена со Закон да обезбеди средства за медиумите, а директните субвенции главно се доделуваат во форма на јавни грантови и преку конкурс. Сепак, оваа поддршка не значи дека влезот на пазарот им е загарантиран на весниците или надминување на финансиските тешкотии, бидејќи износот на средствата е многу низок. Во секој случај, помошта на традиционалните печатени медиуми е всушност помош од страна на граѓаните, за да бидат точно, прецизно, навремено длабински и објективно информирани. Вистинската и точна информација е силна алатка во рацете на граѓаните. Печатените медиуми, со почитување на правната регулатива како рамка за своето професионално работење, битно ја намалуваат можноста за манипулации, клеветења, лаги и говор на омраза. Тоа е и суштинската професионална предност над интернет-порталите за кои голем дел ниту се знае кој пишува и кој стои зад напишаното. Затоа и одговорноста на весниците е многу поголема над сите други медиуми. И се разбира, почитувањето и придржувањето до принципите на новинарството како устав на новинарството за тоа како треба професионално да се врши една од најодговорните професии – новинар, чија најважна лојалност е онаа кон граѓаните. Ете, токму затоа, граѓаните се тие што бараат објективни медиуми и таквите сами ги финансираат. Весниците беа и останаа темел на демократската кондиција на едно општество. Н.М.