Државната изборна комисија (ДИК) денеска на првата конститутивна седница во нов состав го усвои Правилникот за подготовка, организирање и спроведување на претстојниот референдум закажан за 30 септември, кој заедно со Законот за референдум и Изборниот законик ќе претставува основа за работата на ДИК. Усвоени се и Роковник и јавен повик за увид во Избирачкиот список кој почнува на 9 август и ќе трае до 23 август.

Како предлагач на референдумот се јавува Собранието на Република Македонија, кое, како што изјави претседателот на ДИК Оливер Деркоски, треба да овласти лица органите кои учествуваат во процесот на организација на референдумот.

– Во ситуацијава кога имаме референдум имаме овластен предлагач. Во нашава ситуација бидејќи се работи за референдум на државно ниво, Собранието е овластен предлагач така што Собранието ќе си овласти лица во сите органи кои учествуваат во процесот на организација и спроведување на референдум, кои ќе можат да контролираат целиот процес – појаснува Деркоски.

Политичките партии, вели тој, се исклучени од овој процес на организирање референдум.

Според Роковникот и според Законот за референдум, јавната пропаганда почнува од денот на распишување на референдумот, завршува 48 часа пред гласањето. Јавната пропаганда може да ја води овластениот предлагач на свој трошок и може да ја води секој што е заинтересиран за тоа, посочуваат од ДИК.

Имајќи предвид дека референдумот треба да се одржи за 60 дена, сите рокови ќе бидат скратени за пет дена освен за јавната пропаганда.

Референдумот ќе го спроведуваат Државната изборна комисија (ДИК), општинските изборни комисии, како и избирачките одбори формирани во 2017 година кои ќе бидат составени само од три члена односно во нив нема да има претставници на политичките партии.

Процесот на изјаснување на граѓаните ќе може да биде набљудуван од граѓански невладини организации. Право на изјаснување ќе имаат граѓани кои наполниле 18 години, кои се деловно способни, имаат живеалиште во Република Македонија и ги има во Избирачикот список.

Според членот на ДИК Јанакие Витановски, со Правилникот е предвидено на референдумот да имаат право на изјаснување и граѓаните кои ги има во Избирачкиот список, а не живеат во Република Македонија.

Првичните резултати од референдумот треба да бидат објавени 24 часа по завршувањето на гласањето, а тој ќе се смета за успешен доколку на него излезат повеќе од половината од запишаните во Избирачкииот список.

Потпретседателката на ДИК Дитмире Шеху изрази несогласување со начинот на организирање на изборите односно изјаснувањето на дијаспората имајќи предвид колку средства се трошат од државата за оваа намена. Таа ги повика граѓаните кои сакат да се изјаснат на референдумот да дојдат во Македонија и да гласаат.

Елизабета Апостоловска, член на Комисијата, рече дека ДИК испратила писмо до МНР за да се утврди екипираноста во диппломатско-конзуларните претставништва и да се види дали може да се намалат трошоците за изјаснување на дијаспората за референдумот.