Под слоганот „Учи паметно, работи стручно“, денеска во Општина Прилеп, согласно протоколите за заштита од ковид-19, се одржа јавна дискусија во насока на доближување на потребите на компаниите од една и средните стручни училишта од
друга страна, со цел создавање на стручно образование коешто ќе профилира кадар потребен на реалниот сектор.

На јавната дебата присуствуваа министерката за образование и наука Мила
Царовска, градоначалниците на општините Прилеп и Крушево, директорката на
Државниот испитен центар, претставници од Стопанската комора, директори на
средните стручни училишта и претствници од бизнис секторот.

За потребите на кампањата „Учи паметно, работи стручно“ Министерството за образование и наука спроведе анализа во насока на утврдување на соодветноста на постојните образовни профили кои ги нудат училиштата, како и на потребата од нови
профили кои им се потребни на компаниите, но не се вклучени во наставните програми каде беа опфатени 22 компании од Прилеп, една од Кривогаштани и две
од Крушево.

Целта на квалитетното образование е учениците да стекнуваат општи применливи знаења и вештини, компатибилни на пазарот на трудот.

– Преку овој дијалог сакаме да создадеме доверба помеѓу училиштата и компаниите на локално ниво но исто така и да профилите кои ќе ги отвориме во средните стручни училишта за 2021/2022 година да бидат согласно нивните потреби, и да се трудиме за што поголем број од учениците кои ќе се запишат во тие струки, понатаму да имаат пракса во компаниите. Министерството за образование и наука за да ја поттикне заинтересираноста на учениците за запишување во средните стручни училиште ќе има политика на стипендирање на средно стручно образование, кое и оваа година се покажа успешно – истакна министерката за образование и наука Мила Царовска.

Во анализата која ја спровело МОН учествувале 450 компании од целата држава, од кои дури 85 отсто биле подготвени да соработуваат со средните стручни училишта и да примаат ученици на практична настава. Од СОУ „Орде Чопела“, Анета Пејоска истакнува дека средното стручно образование е модуларно и веќе две години се работи со модуларно дизајнирани програми, што значи дека се става поголем акцент на праксата
отколку на теоријата.

На посетата на министерката Мила Царовска пак реагираа од ОК на ВМРО ДПМНЕ велејќи дека денес таа се прошетала до Прилеп, наместо да ги решава реалните проблеми во образованието.

– Катастрофалните состојби во училиштата, нефункционирањето на националната платформа за онлајн-настава, немањето доволен број учебници, големиот број ученици кои немаат технички средства и можности за следење онлајн-настава, понижувачките и потценувачки услови во студентските домови во време на пандемија, се проблемите за кои Царовска треба да понуди решенија. Незадоволството и барањата на средношколците во врска со Државната матура, пак, се посебен проблем за кој министерката немаше слух. Наместо да се намалат содржините од испитните програми и да се укине барем третиот екстерен предмет, како што бараа матурантите, им се нудат трошки односно им се нуди само префрлање на еден предмет од екстерно на интерно ниво. Ова претставува само дополнителен товар на професорите по општообразовните предмети коишто ќе треба да го спроведат полагањето и оценувањето на учениците, се разбира, без финансиски надомест, додека матурантите, за жал, останаа со неисполнети барања – рече Жанета Видевска од ОК на ВМРО ДПМНЕ, потенцирајќи дека проблемите не се решаваат само со зборови и дека се организираат бесцелни состаноци кои, освен поголем ризик од ширење на вирусот во Прилеп, не водат кон никакво друго ефикасно решение. Ка.М.