Просечната цена на повратен билет на новата директна авиолинија на релацијата Скопје-Варшава, што е воведена од денеска, изнесува 120 евра и со неа се овозможува и конекција од полската престолнина до повеќе дестинации во Источна и Западна Европа, Скандинавија, САД (Њујорк-Чикаго, Лос Анџелес) и Канада (Торонто). 

Летовите се испланирани така што трансферите со авионите на „ЛОТ-Полиш ерлајнс“ до САД, преку центарот во Врашава, се реализираат 80 минути по слетувањето на аеродромот „Фредерик Шопен“. 

Полската авиокомпанија на новата авиодестинација ќе оперира шест пати неделно. 

 – Отворањето на оваа нова линија ќе ги поврзе и зближи Полјаците и Македонците, со поттикнување поголем авиосообраќај како резултат на повеќе туристички патувања. Цените се прилагодени на економската состојба на граѓаните од Централна и Источна Европа- посочи Михал Фијо, главен комерцијален директор на „ЛОТ-Полиш ерлајнс“ на прес-конференцијата по првиот лет на Меѓународниот аеродром Скопје.

Прашан  дали очекува да биде конкурентна новата авиолинија со оглед на најавените натамошни субвенции за нискобуџетни авиолинии, Фијо рече дека авионите на оваа релација веќе се полни и оти има резервации за половина година. – Сметам дека оваа дестинација се развива во позитивна насока. Верувам во конкуренција и дека сите треба да имаат еднаков ист пристап и еднакви услови на пазарот за да се развива конкуренцијата, наведе Фијо. 

Со очекување дека авиолинијата ќе послужи за подобрување на трговските, економските и политичките односи меѓу Македонија и Полска  е и Алпер Ерсој, генерален директор на ТАВ Македонија. 

– Бизнисот на авиокомпаниите секоја година станува се поконкуретен и тие се многу внимателни при донесување одлуки за избор на нови дестинации и влез на нови пазари- рече Ерсој, потенцијраќи го значењето што „ЛОТ-Полиш ерлајнс“ го додадоа скопскиот аеродром како 99-та дестинација во нивната мрежа.

Како што информираше министерот за транспорт и врски Горан Сугарески со повикот за финансиска поддршка на нискобуџетни компании што ќе понудат нови дестинации, што треба да биде објавен месецов, се планирани да се доделат над пет милиони евра во следните три години.

Министерот ги повика сите заинтересирани компании да се пријават на јавниот повик, за кој во скоро време најави и конкретни детали околу критериумите. 

Тековниот втор Договор за таа намена на македонската Влада со „Виз ер“, нискобуџетниот авиопревозник што во изминатите шест години доби 9,5 милиони евра субвенции, истекува месецов. Расчекорот меѓу истекот на договорот со „Виз ер“ и распишување на новиот повик, тврди Сугарески, нема да се одрази на патниците, односно услугите што тие ги добиваат. 

– Нема да има влијание. Ќе ги испочитуваме сите рокови и очекувам во најкус можен рок да биде распишан огласот, така што ќе нема никакво влијание- рече Сугарески, порачувајќи дека целта не е да се скрати бројот на дестинаци, туку да се зголеми.

По Програмата и уредбата за финансиската поддршка што ги донесе неодамна Влада сега е во тек избор на Комисијата која ќе ги утврди критериумите за повикот.

Со првиот договор од 2012 до 2015 година „Виз ер“ доби 4,5 милиони евра финансиска поддршка, а со вториот од 2015 до 2018 пет милиони евра. 

Во првите пет месеци од годинава преку Меѓународниот аеродром Скопје и Аеродром „Свети Апстол Павле“ во Охрид се превезени 784.000 патници, за 20 проценти повеќе споредено со истиот период лани, со реализирани 6.845 лета односно пораст за 17 проценти, информираше Ерсој.